Американско-српскиот поет, есеист, преведувач, Чарлс Симиќ е лауреат на годинешното издание на Струшките вечери на поезијата.
Симиќ е добитник на Пулицеровата награда, наградата „Едгар Алан По“, Грифиновата награда, наградите „Валас Стивенс“ и на Американската академија и на многу други врвни светски награди за книжевност.
На денешната прес-конференција во МАНУ, беше пренесено обраќањето на седумдесет и осумгодишниот Симиќ, кој досега два пати бил во посета на Македонија. Еднаш, во Струга во 1972 година, и следниот пат, во Скопје, во 1982 година.
Во писмото Симиќ вели дека нетрпение очекува да ги види старите и да запознае нови пријатели во Македонија, и додава дека „листата на вашите поранешни добитници е толку знаменита што јас не сум чул за друга поетска награда, било каде во светот, што може да се мери со неа“.
Обеелоденувањето на името на лауреатот на Златниот венец е токму на Светскиот ден на поезијата – 21 Март. Денот го одбележуваат Македонскиот ПЕН центар и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. По тој повод, послание ќе упати поетесата Гордана Михаилова – Бошнакоска, а на настанот ќе настапат поети-членови на Македонскиот ПЕН центар.
Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на поезијата, трета година по ред, Македонија е дел од глобалниот настан „Плати со поезија“ што го организира „Јулиус Мајнл“, во 36 држави и во над 1.400 кафетерии низ светот. Оваа година настанот ќе биде на девет локации – кафетерии во Скопје и во Велес.