На локалните избори во Хрватска во неделата, право на глас имаа повеќе од 3,7 милиони граѓанки и граѓани, кои можеа да гласаат за повеќе од 47.000 пријавени кандидати за повеќе од 9.500 различни функции на локално и регионално ниво.
Според неофицијалните информации од Државната изборна комисија на Република Хрватска, до утринава во 9,30 обработени се податоци од над 99% од вкупниот број на избирачки места, со просечна излезност од 46%.
Локалните избори ги мониторираа над 12.000 набљудувачи.
Мониторинг тимот на ГОНГ, организација за потикнување на граѓаните за активно учество во политичките процеси, во првичниот извештај за првиот круг од локалните избори, излезе со информации за помал број на нерегуларности во однос на претходните изборни циклуси.
Недоволната едуцираност и непрофесионалното однесување на дел од избирачките одбори се сѐ уште главен проблем при скратување на остварувањето на гласачкото право. Според пријавите на граѓанките и граѓаните, ГОНГ бележи и прекршување на избирачкиот молк во повеќе случаи, телефонско вознемирување, одење од врата на врата на граѓаните и агитирање за кого да гласаат, лепење плакати и прекршување на молкот на социјалните мрежи.
„ГОНГ вчера извести на темел на неанонимни пријави од граѓаните за одреден број на нерегуларности, но помалку во однос на претходните избори. Пријавите се однесуваат на работата на избирачките одбори. На овие локални избори се заокружуваа четири ливчиња, а некои избирачки одбори им давале само две на гласачите. Одделни избирачки одбори на избирачките места не обезбедија тајност на гласањето, во одделни избирачки места граѓаните веќе беа заокружени, како веќе да гласале“, изјави во телефонскиот разговор за ЦИВИЛ Медиа, Драган Зелиќ, меѓународен експерт за изборно набљудување во ГОНГ.
Пријавите за прекршување на избирачкиот молк подлежат на санкции, како што изјави Зелиќ, од 3.000 до 5.000 куни.
„Останува да видиме дали надлежните изборни институции ќе покренат кривични пријави против кршење на изборниот молк“, изјави Зелиќ, потенцирајќи го проблемот со информираноста и едуцираноста на граѓаните во остварување на своите гласачки права.
„Изборната кампања беше во длабока сенка на политичките случувања на национално ниво. Во Хрватска, во моментов, имаме криза во Владата, уставна криза, затоа што премиерот разреши четири министри, без предлог за нови министри што би ги замениле,“ рече Зелиќ, потенцирајќи дека изборната кампања не била фокусирана на локални теми, туку токму на проблеми во контекст на политичката состојба во која Хрватска се наоѓа.
Биљана Јордановска