Организаторите „Скопје Смог аларм“ се надеваат дека „Златната бубамара за еколозите“ ќе стане традиција
Во МКЦ Клуб ресторан во Скопје, вчера за првпат се одржа настанот „Зелен глобус“, посветен на доделување на награди во областа на екологијата и заштитата на животната средина. На настанот беа доделени симболични награди на истакнати активисти, доктори, новинари, истражувачи и поддржувачи на заштитата на животната средина, пред сè, од областа на аерозагадувањето.
Од „Скопје Смог аларм“ велат дека од 2014, во Македонија се починати 4.000 лица поради загадениот воздух и ПМ-честичките.
Првата награда му беше доделена на активистот Горјан Јовановски за создавањето на мобилната апликација „Мој Воздух“
За најдобра еко-фотографија е прогласена „Фото со дрон на Скопје обвиено во смог“ на Донче Илијоски, најдобра кампања на социјалните мрежи е – #ДенНаВоздухот, од ТВ-шоуто „Еден на еден“ на Жаре Димитриоски, за истакнат професор-поборник за чист воздух е избран д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје, за истакнат новинар-поборник за чист воздух – Огнен Јанески од ТВ 24 Вести, за истакнати активисти за велосипедско Скопје – „НаТочак“, за истакнат онлајн медиум- поборник за чист воздух – порталот на Радио МОФ, за истакнат магазин–поборник за екологија – магазинот „Лице в лице“, за најдобар документарец – „Загадување: Скопје го стигна Пекинг“, во режија на Горан Лефков, во продукција на Центар за истражувачко новинарство „SCOOP – Macedonia“ и за најдобра еко-герила акција – „Џиновско гнездо во центарот на Скопје“ на „Урбани уметнички акции“.