Може да се констатира дека Владата ги користи сите инструменти на власта да ја ограничи слободата на говорот и да ги контролира медиумите. Покрај формалниот мораториум за Владини реклами од мај 2015 година, јавните институции, по разни основи, во 2016 година трошеле големи суми за промовирање во медиумите… Ова се дел од заклучоците во извештајот „Показатели за степенот на слобода на медиумите и безбедноста на новинарите“, кој Здружението на новинари го презентираше денеска.
„Со жалење можеме да констатираме дека состојбата со слободата на медиумите минатата година се влошува во сите индикатори на истражувањето, како што е медиумско законодавство и неговата имплементација, вкупната професионална, економска и социјална состојба на новинарите, како и нивната безбедност. Таа во однос на медиумите применува политика на стап и морков. Послушните медиуми ги наградува со јавни пари, додека новинарите што ја критикуваат, постојано ги напаѓа и ги изложува на разни притисоци“, се вели во извештајот на ЗНМ.
„Министерствата и општините во Македонија во 2016 година имаат потрошено околу еден ипол милион евра во печатените, онлајн и регионалните и локалните медиуми. Околу 400 илјади евра се потрошени во првата половина од минатата година, додека над еден милион евра биле планирани да се трошат во втората половина“, произлегува од анализата на податоци кои се дел од извештајот. Како што велат од ЗНМ, сумите сé уште поголеми затоа што четири министерства и 23 општини одбиле да дадат податоци за средствата потрошени во медиумите, а од 80 општини, само 42 – дале податоци за планираните средства за трошење во втората половина од 2016 година.
„Ако овие средства битно не влијаат на збогатување на програмската шема на националните телевизии, тогаш логички се поставува прашањето: која е нивната вистинска намена? Ние сме убедени дека власта не се грижи за домашната продукција, туку за купување наклонетост на медиумите“, заклучуваат од ЗНМ.
Како што е наведено во извештајот, најмногу средства за огласување и претплата за весници имаат одвоено општините Битола и Гостивар, со околу 60, односно 50 илјади евра годишно.
„Начинот на распределба и целта заради која се трошат парите во медиумите, оставаат сомнеж дека министерствата и општините сакаат да ја купат наклонетоста на медиумите и да ги инструментализираат за политички интереси. Со тоа, се поткопува нивната независност и се загрозува правото на граѓаните – од медиумите да добијат навремени и веродостојни информации“ велат од ЗНМ, и посочуваат дека во медиумите каде власта со пари не успеала да се наметне, таа користи гола сила да ги замолчува новинарите.
„Според нашите податоци во последните четири години, нападнати се над 40 новинари, од кои околу половина се случиле во 2016 година. Имавме прогонувани новинари, еден осуден на затворска казна, а друг – повеќе од една година е во притвор, осомничен за неиздржани обвинувања“, е наведено во Годишниот извештај.
Во Македонија постои јасна политика на неказнивост на насилството против новинарите! Убедливо најголем дел од инцидентите не се расветлени, а ниту еден насилник не е казнет, потенцираат новинарите