Собраниската седница за уставните измени никако да започне
Откако повеќе пати беше закажувана и откажувана седницата на која требаше да се гласа за уставни измени, истата е презакажана за утре во 12 часот.
На дневен ред на седницата се предлог-амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, како и предлог-уставниот закон за прогласување на амандманите, што претствува трета и последна фаза од процесот на уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот договор.
Неизвесно е двотретинското мнозинство
Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција изјави дека сѐ уште се во разговори со БЕСА на Биљал Касами за изнаоѓање техничка формулација во однос на државјанството со цел обезбедување на потребните 80 пратеници за донесување на уставните амандмани.
Тој рече дека не може во моментов да каже дека се обезбедени 80 пратеници, но и дека е подготвен да го преземе својот дел од одговорноста.
„Секој треба да ја преземе одговорноста за процесот. Ако нема мнзоинство следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме сѐ на оваа карта. Во политиката, како што се земаат ловорики, така се понесува и одговорност. Немам предрасуди, дојде моментот на одговорноста. Или ќе нѐ има 80 или ќе следува одговорност“, вели премиерот Заев, и при тоа подвлекува дека сепак верува и очекува да биде обезбедено потребното мнозинство.
Протестите продолжуваат
Пред Собранието во исто време се одржува протест во организација на здруженијата „Tврдокорни” и „Македонија блокира“, против уставните измени.
И денеска на демонстрантите им се приклучи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој, за разлика од вчера, кога одби да им се обрати на присутните и за тоа беше исвиркан, за денеска најави свое обраќање од пред Собранието.
Паника, хистерија и дезинформации
Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери, ги демантира наводите на лидерот на „Единствена Македонија“, Јанко Бачев, дека во Собранието на Република Македонија заклучени се држат тројца пратеници.
„Ја информираме јавноста дека се работи за класична дезинформација, со цел да се нанесе штета на угледот на Собранието и на процесот на ЕУ и НАТО интеграциите на Република Македонија.
Во Собранието на Република Македонија секој пратеник одлучува сам, според своето убедување и нема, ниту ќе има притисоци врз народните избраници и нивното движење е слободно.
75. седница на Собранието на Република Македонија се одвива според воспоставениот ред како и за секоја друга седница“, се вели во реакцијата на Талат Џафери.
Македонија останува „хибриден режим“
Според Индексот на демократија на британскиот неделник „Економист“, Македонија се искачи за 10 места во споредба со минатата година и моментално се наоѓа на 78 место со 5,87 поени.
Република Македонија спаѓа во категоријата на „хибридни режими“, кој ги опфаќа земјите со поени од 5,98 до 4,06.
Оценети се вкупно 167 држави според 60 показатели во пет категории: функционирање на владата, политичко учество, изборен процес и плурализам, демократска политичка култура и граѓански слободи.
Соопштение на ЦИВИЛ: Опструирањето на Преспанскиот договор не е патриотски чин!
ЦИВИЛ – Центар за слобода преку соопштение најостро ги осуди партиите, односно пратениците што намерно и од позиции на теснопартиски и/или лични интереси го опструираат процесот на спроведување на Преспанскиот договор од кој произлегува потребата за уставните измени.
Истовремено, ЦИВИЛ ги повикува сите пратеници што ѝ мислат добро на земјата, да го докажат тоа со давање поддршка на уставните измени.
„Без оглед на тоа дали се работи за искрени побуди или за пазарење, отсуството на поддршка за уставните измени не е патриотски чин.
Ги охрабруваме пратениците да донесат мудра, храбра и државничка одлука и да покажат единство кога се работи за големи историски одлуки како оваа“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ Медиа продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што изминува и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности да ги открие перспективите на претстојната година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар. и Фатон Алити.
М. Ивановска
Фотографија: Биљана Јордановска