Преспански договор
Денеска започна промената на натписите на државните органи и Собранието, со што се спроведува уште една фаза од Преспанскиот процес. Натписот „Влада на Република Македонија“ веќе е отстранет од фасадата на владината зграда, a негово место се поставува натписот „Влада на Република Северна Македонија“.
Денеска треба да бидат поставени и првите табли со „Северна Македонија“ на граничните премини, а првиот ќе биде граничниот премин „Богородица“, главниот премин на границата со Грција.
НАТО
Владата се подготвува и за свечена церемонија по повод подигнување на знамето на НАТО пред владината зград. Церемонијата ќе се одржи утре во 11 часот, а се очекува да се обрати и премиерот Зоран Заев.
Изборна кандидатура
Конечно, познат првиот пријавен кандидат за претседател на државата на претстојните претседателски избори во април, што одгoвори на конкурсот на СДСМ.
„Почитувани новинари и медиумски куќи, јас, амбасадорот проф. д-р Ѓорѓи Филипов, на 11 февруари 2019 година, понеделник, ќе поднесам пријава за кандидат за претседател на Република Македонија на отворениот повик за претседателските избори за 2019 година на СДСМ“, соопшти Ѓорѓи Филипов.
Филипов е доктор по технички науки, а дипломирал на Мапинскиот факултет на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје во 1981 година. Тој беше амбасадор на Македонија во Германија, Австрија, Јапонија и Словачка.
Попис
Финалното решение за тоа кои прашања ќе бидат вклучени во пописот кој, според најавите, треба да се реализира во 2020 година, ќе го донесе Собранието на Република Македонија, каде што треба да се донесе и Законот за Попис 2020.
Ова денеска го соопшти Државниот завод за статистика отфрлајќи ги шпекулациите дека следниот Попис на населението ќе се реализира без прашањето за етничка припадност.
Антикорупција
По обелоденувањето дека Нури Бајрами, веќе член на Државната комисија за спречување на корупција, е баџанак на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со свои изјави илзегоа и неколку министри, новинари и самиот Бајрами.
Новинарот и уредник на Слободен печат, Бранко Героски го повика Бајрами да се повлече од членството во ДКСК, а Бајрами одговори дека не бил во најблиски односи со Џафери и дека самиот избор на новата ДКСК бил транспарентен.
Министерката за правда Рената Дескоска изјави дека не е прекршен законот со неговиот избор. Дамјан Манчевски, министерот за информатичко општество и администрација, изјави дека јавноста требало да реагира навремено, а самата ДКСК треба да одлучи дали има судир на интереси или не.
Семејно насилство
Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска посетија еден од шелтер центрите во кои се засолнети жртви на семејно насилство. Целта на посетата беше да им се даде березервна поддршка и заштита на жените кои преживеале насилство од своите партнери, но и уверување дека државата ги презема сите потребни чекори за борба против насилството врз жените.
Насилен екстремизам
ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска потпиша Меморандум за партнерство и соработка со Општина Тетово во сферата на превенција од насилниот екстремизам, радикализацијата и тероризмот. Исто така, се одржа и работна средба „Заедниците против насилниот екстремизам“, со претставниците на локалната власт и институциите, полицијата, училиштата, како и организациите на граѓанското општество.
#Перспективи2019
На конференцијата #Перспективи2019, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода што ќе се одржи утре во Кино Култура, со почеток во 11 часот, свои воведни излагања ќе имаат германскиот амбасадор Томас Герберих и Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
На конференцијата ќе се зборува за темите „Меѓу надежите и реалноста“ (посветена на општествено-политичките процеси и економските прашања) и „Историски завршници и отворање на новите перспективи“ (Евроатлантски интеграциски процеси). Меѓу говорничките и говорниците ќе бидат проф. Мирјана Најчевска, Џевдет Хајредини (поранешен министер за финансии), Мерсиха Смаиловиќ (Легис), Бранко Героски (Плусинфо), Александар Кржаловски (МЦМС), Розета Трајан (ДКСК) и други.
Настанот е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Б. Јордановска