Заев: Уверени сме дека Северна Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ оваа година
Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со заменик претседателот за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска беа примени од канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел.
Канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата. На средбата канцеларката потенцираше дека Северна Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно.
Премиерот Заев на средбата рече дека Република Северна Македонија има целосна доверба во канцеларката Меркел и ја поддржува нејзината политика за процесот на проширување на ЕУ, како и нејзината политика кон Западен Балкан.
Могерини со силна препорака за датум за отпочнување на преговорите во јуни-јули за влез во ЕУ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, вчера во Брисел оствари билатерална средба со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Федерика Могерини истакна дека останува цврсто на ставот дека Северна Македонија треба заедно со Албанија да добие датум за отпочнување на преговорите во периодот јуни – јули. Могерини во следната недела овој став ќе го пренесе на сите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Естонија го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО
Естонскиот парламент едногласно без ниеден глас против вчера даде зелено светло за приклучувањето на земјава во Северноатлантската алијанса.
Со ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, Естонија стан е 17-та земја што ја прифати РСМ во Северноатлантската алијанса.
Постапката за ратификација вчера почна и во Сенатот на САД. Со ратификацијата на Протоколот од 29-те земји сојузници во Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане 30-та членка на НАТО.
ДЗС од утре со пробен попис на населението, домаќинствата и становите
Државниот завод за статистика (ДЗС) од утре ќе започне со теренски активности за пробниот попис на населението, домаќинствата и становите. Пробниот попис ќе се спроведе во 32 пописни кругови на територијата на 13 општини во државата, и тоа во Гостивар, Кисела Вода, Зелениково, Штип, Радовиш, Куманово, Свети Николе, Кратово, Прилеп, Долнени, Струга, Кичево и Валандово.
Како што соопшти ДЗС, основната цел на пробниот попис е тестирање на подготвените методолошки, организациски и ИТ решенија за примената на новиот комбиниран методолошки пристап во Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2020 година.
Граѓаните на Тетово бараат отстранување на седиштето на ДУИ од градот
На социјалните мрежи се прошири иницијатива која бара отстранување на седиштето на ДУИ од Тетово. Граѓаните од Тетово силно ја искажуваат својата индигнација и нивната фрустрација од прислушуваните телефонски разговори, каде што поединци но и самите тетовчани сериозно се навредуваат.
Ниско ниво на комуникација, параполитички ситуации, назначувања, негирање на позицијата на албанските жени во општеството, уцени против политичките противници и нивните семејства, девалвација на оние кои размислуваат поинаку, корупција и демотивирање на генерациите за иднината во ова општество, се сигнали дека овие луѓе не заслужуваат да бидат носители на одлуки за важни процеси кои се однесуваат на нашите животи.
ССНМ остро ги осудува заканите на Штерјев кон новинарите
Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници најостро го осудуи однесувањето на претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев. „Како што пренесува порталот А1он, Штерјев им упатил недолични пораки на новинарите на овој медиум преку нивни колега, нарекувајќи ги „неуки“, „недоквакани“ и ред други навреди. ССНМ потенцира дека ваквото однесување на избраните функционери е недозволиво и суштински поттикнува непријателско однесување кон медиумските работници, па дури и напади кон новинарите. Сакаме да го потсетиме Штерјев дека слободата на медиумите е еден од најважните, ако не и најбитниот столб на едно демократско општество и дека ваквите испади не одат во прилог на никого“, се вели во соопштението на ССНМ.
Дехран Муратов