Пензија и за тие што немаат стаж
Постарите од 65 години, кои не работеле ниту еден ден, од годинава ќе можат да добијат пензија. Ова го предвидува Предлог законот за социјална сигурност на старите лица, кој веќе е во Собрание. Предвидено е да се гласа по скратена постапка, а ќе се исплаќа во центрите за социјална работа. Висината на социјалната пензија е предвидено да биде 6.000 денари и ќе се усогласува еднаш годишно со трошоците на живот.
Жбогар: Очакувам Северна Македонија да добие датум за преговори со ЕУ
Шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, при денешната посета на Струмица во рамки на кампањата „ЕУ за ТЕБЕ“, истакна дека се надева дека во јуни земјите членки ќе усвојат позитивен извештај за да може Северна Македонија да добие преговори за членство во ЕУ.
„Сега е потребно да ги видиме реформите, кои ги следиме и во јуни ќе се направи проценка и се надевам дека потоа ќе почнат преговорите, зашто токму тие преговори ќе ја донесат промената која сакат да ја видат не само младите, туку и граѓаните на земјата“, додаде амбасадорот Жбогар.
Чавков е приведен за да не избега од државата
Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска вели дека побарале притвор за Митко Чавков врз основа на оперативни сознанија добиени од МВР и дека нема причина да се сомневаат во информациите на полицијата дека посотои опасност тој да избега.
Поранешниот директор на БЈБ, Митко Чавков, вчера заврши во истражниот затворот во Шуто Оризари, откако судот му одреди нов 30 дневен притвор. Решението за одредување на притворот се базира на службена белешка од сознанија добиени од негов пријател, кој јавил дека Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април.
Каква е судбината на СЈО?
На лидерската средба Мицковски и Заев се договорија дека ќе се формираат работни групи од 11 март што интезивно ќе работат на Предлог-законот за Јавно обвинителство. Освен што се знае дека работната група на СДСМ ќе ја предводи министерката за правда Рената Дескоска, од ВМРО-ДПМНЕ сé уште се чека да номинира членови. Лажна е веста дека ДУИ инсистира на промена на тимот на СЈО, уверува вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.
Алијансата за Албанците нема да даде поддршка, бидејќи според нив сето ова е политичка игра, а ќе изостане и поддршката на Движењето Беса. Уште нема информации за одлуката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА.
Граѓанските организации бараат да се повлече предлог-законот за СЈО
Граѓанските организации кои се дел од „Блупринт“ групата кои се фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на кој се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавното обвинителство.
Со измените и дополнувањата на Законот за Јавното обвинителство се уредуваат понатамошното постоење, функционирањето и надлежноста на сегашното СЈО, без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со неговото работење, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите. Затоа, бараме доработка на измените и дополнувањата на законот, со фокус на одредбите што се однесуваат на понатамошниот статус и работа на СЈО“.
Пратениците на студиска посета во Холандија за правата на ЛГБТИ лицата
Пратеници, членови на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, ќе учествуваат на студиска посета во Холандија, во периодот од 13 до 16 март. На студиската посета ќе земат учество координаторката Маја Морачанин, заменик-координаторот Павле Богоевски и пратеничките Лилјана Поповска, Славица Шуманска-Митева, Јагода Шахпаска, Снежана Калеска-Ванчева и Емилија Александрова.
Д. Муратов