Categories

ДНЕВНИК 14 јуни: Бегство, нови „бомби“, осуда, дискриминација, расипништво…

Заев: Груевски при бегството од државата се сокрил во гепек

Во интервју за германскиот весник ФАЦ, премиерот Зоран Заев открива детали од бегството на експремиерот Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации, јавува Дојче Веле.

„Знаеме како Груевски избега од земјата“, тврди македонскиот премиер Зоран Заев во интервју објавено во германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг. Заев за ФАЦ тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.

„Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, тврди премиерот.

„Ел Чека“ со нова бомба за „Монструм“

Кичевчанецот „Ел Чека“, по неколку бомби во кои се слушаат високи функционери на ДУИ, објави прислушуван разговор што се води на македонски јазик, а во која се зборува за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, случај познат како „Монструм“.

Во овој разговор се слушаат еден машки и еден женски глас. Во текот на разговорот, женскиот глас цело време повторува дека нема докази за осомничените кои биле уапсени во овој случај, а се сомнева дека може да не биле дури ниту Албанци. „Нема никаква трага! Трага нема! Никаква, никаква трага нема! Ова е на високо ниво, професионалци се…“ – вели женскиот глас. „Може да биле Бугари, може Грци“, се слуша, меѓу другото, во тој разговор.

Осуда од сите страни за дискриминацијата од прилепскиот ресторан над фудбалерот Алиоски

Фудбалската федерација на Македонија најостро го осуди говорот на омраза и дискриминацијата чија последна жртва е македонскиот репрезентативец и фудбалски амбасадор, Езџан Алиоски.

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Езџан Алиоски, вчера бил избркан од еден ресторан во неговиот роден град Прилеп затоа што зборувал на албански јазик. Вработените во ресторанот откако го слушнале Алиоски како заедно со родителите и роднини зборувал на албански јазик, им рекле да заминат со образложение дека сите маси се резервирани и нема место во ресторанот.

И претседателот Стево Пендаровски на својот Фејсбук профил со реакција за немилата случка во Прилеп што ја доживеа македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски.

Глобалната недела за едукација и јакнење на јавната свест против оруженото насилство

Глобалната недела за акција против оруженото насилство е време кога граѓан(к)ите треба да ја промовираат борбата против огненото оружје, а властите да се потсетат на постојните стандарди и спогодби за контрола на распространувањето и шверцот со оружје. Оваа недела треба да се искористи за едукација и јакнење на јавната свест со цел елимирнирање на нелегалното оружје и оруженото насилство на улиците и во домовите.

„Оваа акција претставува можност за да се искаже загриженоста на организациите членки на мрежата од ширењето и злоупотребата на малото и лесно оружје. Истовремено IANSA упатува повик за преземање на поголеми акции од страна на властите“, се вели во соопштението на мрежата.

ЦИВИЛ – Центар за слобода е организација членка на IANSA од 2002 година и на коалицијата Контрола на оружјето (Control Arms) од самиот почеток на формирањето на Коалицијата во 2003 година. Веќе 18 години Цивил ја одбележува оваа недела преку активности за јакнење на јавната свест и едукација.

Крај на расипништвото!

На трибината „Крај за расипништвото“ што ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, на 5 јуни, заинтересираните граѓанки и граѓани имаа можност подетално да се запознаат со барањата на организцијата кои се однесуваат на намалување и укинување на привилегиите на јавните функционери.

„Нашите барања не се однесуваат само на поранешниот претседател, туку на сите поранешни и сегашни функционери. Нашата иницијатива се однесува на сите кои се и имениувани  и избрани, на сите функционери во администрацијата, односно на сите што се во ситуација да троат јавни пари или да искористуваат јавно добро или да употребуваат или злоупотребуваат службена положба на локлано или државно ниво. Нашата иницијатива, исто така, не се однесува само на апанажи или пензии туку на повеќе области од трошењето на јавните пари“, изјави Џабир Дерала, од ЦИВИЛ.

Д. Муратов

Print Friendly, PDF & Email