Стејт департменот оцени дека корупцијата е најголем проблем во Северна Македонија
Во најновиот извештај за човекови права на американскиот Стејт департмент се наведува дека во Република Северна Македонија има напредок во медиумите и во судството, но дека сепак останува да се решат уште важни проблеми како корупцијата. Во извештајот стои дека државните затвори и притвори не успеале да ги имплементираат меѓународните стандарди и во некои случаи, согласно извештајот за превенција од тортура на Советот на Европа од октомври 2017 година, условите би можеле да се опишат како сурови, нехумани и деградирачки.
Дерковски-Османи: Нема проблем со избирачкиот список
Нема да има никакви проблеми со избирачкиот список за претстојните претседателски избори, тврди претседателот на ДИК, Оливер Дерковски кој денеска се сретна со вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој рече дека овие избори се важни и не е дозволена никаква грешка, бидејќи сме под лупа на ЕУ.
И Литванија го ратификуваше Протоколот за влез во НАТО
Без ниту еден против или воздржан, Собранието на Литванија му даде зелено светло на членството на Северна Македонија во НАТО Алијансата. Од 92 присутни пратеници во салата, сите гласаа за ратификација на протоколот, а седницата од блиску ја следеше и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
Собранието расправа за формирање на ново министерство
Предлогот за укинување на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и формирање на ново министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, влезе во собраниска процедура.
Оваа министерство ќе се формира со измени на двата закони, Законот за влада и Законот за организација и работа на органите на државната управа, кои се 14 и 15 точка на дневниот ред. Овој предлог е поднесен од пратениците на парламентарното мнозинство.
Се укина тридневното чекање за абортус
Во Собранието денеска пратениците го изгласаа Законот за прекинување на бременоста. Поминаа и измените на Законот за Владата на Република Македонија и претстои да бидат повторно разгледани во матичните комисии, по што пратениците ќе гласаат за нивно донесување.
Се укинува тридневното чекање и останатите административни бариери за остварување на правото на абортус.
Одлуката за прекин на бременоста, жената ќе може да ја донесе свесно, без принуда од кого било, врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата.
Неисправни сопирачки и поголема брзина причина за автобуската несреќа кај Ласкарци
Седум лица се приведени за автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која загинаа 15 луѓе, на 13 февруари. Обвинителството бара да се отвори истрага за шест од нив, а за седмото лице бара мерка на претпазливост. Меѓу уапсените е и сопственикот на „Дурмо турс“, раководителот на фирмата, возачот и лица кои дале одобрение за техничката исправност на автобусот кои се вработени во другата фирма коja исто така е во сопственост на газдата на „Дурмо Турс“.
Како што кажа шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Сашо Рајчев, причина за сообраќајната несреќа е неисправност на сопирачките на автобусот и шоферот возел над дозволената брзина, односно 80 километри на час.
Д. Муратов