Премиерот Оливер Спасовски денеска ја прими амбасадорката на Сојузна Република Германија, Анке Гизела Холштајн и ѝ изрази честитки за започнувањето на нејзиниот дипломатски мандат во нашата земја.
Спасовски на средбата ја истакна одличната соработка со претходниот амбасадор Томас Герберих, и изрази уверување дека и со новата амбасадорка ќе продолжи продлабочувањето на односите и зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и СР Германија.
Двете земји имаат одлична соработка во различни сфери, при што се издвојува економијата заради фактот што СР Германија е наш прв трговски партнер со над 4 милијарди евра трговска размена во 2019 година и земја од која доаѓаат најголемиот број и најзначајните инвеститори.
Спасовски на средбата ја нагласи пријателската улога на СР Германија за поддршката за нашата земја за остварувањето на членството во НАТО и за поддршката во процесот на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ и изрази задоволство од очекувањето дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи во втората половина на 2020 година, за време на германското претседателство со ЕУ, за што стигна охрабрување и од канцеларката Меркел дека тоа е и една од целите на СР Германија за време на претседавањето со Европскиот Совет.
Амбасадорката Анке Гизела Холштајн на средбата со премиерот Спасовски потенцираше дека СР Германија го презема претседавањето со ЕУ во еден исклучително кризен период заради пандемијата со КОВИД-19. Таа дополни дека врвниот приоритет во претстојниот период е со победата над вирусот Европа да биде повторно силна и дека тоа ќе го направат заедно со сите земји членки на ЕУ и нејзините партнери, и дека меѓу приоритетите на германското претседавање со ЕУ влегува и заложбата за одржување на првата меѓувладина конференција за старт за почеток на преговорите со Северна Македонија за членство во ЕУ.