Кривичен со нови одлуки за притворот на Јанакиески и Јакимовски
Кривичниот суд му го укинал куќниот притвор на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески за предметот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности. Јанакиески останува затворен дома за настаните од „27 април“ каде е осомничен.
Кривичниот совет на скопска единица по барање на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција му го продолжи 30-дневниот притвор на Тони Јакимовски – поранешниот шеф на кабинетот на ексдиректор на УБК, Сашо Мијалков, кој е осомничен за проневера на пари во тајната полиција.
Јакимовски е осомничен заедно со уште две лица, вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање кои исто така добија нови 30 дена притвор. Судот определил и една мерка.
Вонинституционален кадар за преговорите со Европската Унија
Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со други ресори бара начини за привлекување кадар и од јавниот сектор и надвор од институциите за вклучување во процесот на преговори со ЕУ.
„Заедно со Министерството за труд и социјална политика, Секретаријатот за европски прашања и со Министерството за финансии работиме на предлог со кој ќе се овозможи начин, се надеваме, кој ќе привлече луѓе и од другите институции во рамки на јавниот сектор, но и надвор од институциите да се приклучат во процесот на преговорите“, изјави министерот Дамјан Манчевски.
Министерот рече дека ќе се работи на повеќе полиња за да се привлечат лица за приклучување во преговорите.
„Ќе се работи на неколку полиња преку што ќе се обидеме да привлечеме луѓе не само од надвор и од институиците, бидејќи имаме капацитети во институциите што треба да го најдеме и да го канализираме на вистинско место. Секако динамиката ќе биде како што ќе тече отворањето на поглавјата. Во секторите што се први на дневен ред и не е така лоша состојбата, но следуваат веднаш и други сектори што ќе се отвораат и мора да се работи брзо“, додаде Манчевски.
Законот за јавно обвинителство тапка во место
Министерството за правда викендов, повторно добило материјали за Предлог – законот за јавно обвинителство од работната група на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Министерството за правда известуваат дека клучните разлики остануваат, а материјалите не биле во согласност со европските препораки за отворање на преговорите.
Законот за јавно обвинителство, што треба да го реши и статусот на СЈО, е еден од условите за добивање датум за преговори за влез во ЕУ. За негово усвојување потребно е двотретинско мнозинство.
Претседателски избори 2019
Министерката Дескоска мета на лажни вести
По вчерашното барање на ВМРО-ДПМНЕ за оставка на министерката за правда, Рената Дескоска, за која тврдат дека користела службено возило за посета на митинг, Министерството за правда излезе со демант. Како што велат се работи за лажна вест која првично беше пренесена од медиумите.
„Во дел од медиумите беше пренесена лажна вест дека министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска го користи службеното возило за да оди на собирот за поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
Ваквите објавени содржини се манипулативни и невистинити, најостро ги демантираме и бараме најпрвин повлекување на ваквата вест, а потоа и јавно извинување од страна на оние кои ја споделија веста без да направат проверка на фактите“, стои во соопштението.
ДУИ, ДПА и Алтернатива водат партиска, а не претседателска изборна кампања
Изборниот мониторинг на ЦИВИЛ бележи дека ДУИ води политичка кампања без да го спомене името, ниту обезбедува присуството на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски. Насекаде, на нивните пропагандни материјали стои изразот „Консензуален претседател“. Но, ако на ДУИ му фали само името на кандидатот, другите албански партии немаат воопшто ниту еден елемент од претседателската кампања или кандидатот што го поддржуваат.
ДПА и Алтернатива на Африм Гаши, која произлезе од поделбата на партијата Беса, си водат кампања исклучиво со партиски симболи и реквизити што наликува на партиска кампања и оддава впечаток како да се на парламентарни избори. И на последните митинзи на партијата на Мендух Тачи и на оние на партијата на Африм Гаши, во позадина стојат само партиското име, партискиот симбол и партиските слогани. Во нивните средби со граѓаните, иако се зборува за претседателските избори и се правда поддршката на Стево Пендаровски, од него нема ни име, ни збор, а го нема ниту редниот број кој треба да се заокружи во гласачкото ливче.
ДИК ја објави конечната листа на набљудувачи
3094 домашни и 419 меѓународни 289 преведувачи вкупно 708
Државната изборна комисија ја објави финалната листа на домашни и странски набљудувачи што на 21 април и 5 мај будно ќе го следат гласањето и можностите за било какви изборни нерегуларности.
Вкупната бројка на ангажирани лица кои ќе го следат изборниот процес е 3.802, од кои 3094 се домашни набљудувачи, 419 меѓународни набљудувачи и 289 преведувачи.
Хроника
„Иако до првиот круг од изборите останаа само шест дена, од кои уште четири дена кандидатите можат да ги искористат за ефективно да се претстават пред граѓанките и граѓаните, се чини не постои надеж дека содржината и реториката со која се водат кампањите на сите кандидати ќе се смени во последен миг.
Констатациите од опозицијата за ужасната состојба во која се наоѓа државата, розовите очила на власта, обвинувања, па извинувања, зачинети со комични настапи на кандидатите во емисии од забавен карактер, со цел да се доближат до гласачите на еден поинтимен начин, направија пародија од претседателската кампања. Небаре ни претстои избор на дворски шут, а не претседател на држава.
Ниту на телевизиската дебата, која содржеше за нијанса посериозна атмосфера, не влеа надеж дека кандидатите се подеднакво свесни за трката во која се впуштени. Силјановска допрва ќе им посвети внимание на останатите етнички заедници, Река ќе се води од принципот на мултиетничка држава, а Пендаровски пак се смета за единствениот легитимен претставник кој има поддршка од сите етнички заедници. Трагично е што, токму со инсистирањето на мултиетничноста во своите говори, кандидатите сѐ повеќе ја потенцираат очигледната сегрегација во општеството“, стои забележано во денешната изборна хроника „Изгубени во преводот“.
М. И.