Categories

ДНЕВНИК 15 март: Пресуда за „27 април“, ДКСК ќе го „чешла“ имотот на Иванов

Вкупно 211 години затвор за обвинетите од „27 април“

Од 17 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, 16 се прогласени за виновни и добија 211 години затворски казни, додека еден обвинет- оперскиот пејач Игор Дурловски е ослободен од обвинението.

Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Тогашните колеги на Чавков од МВР, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви добија по 15 години затвор, Оливер Поповски- 13 години, а Оливер Радулов- 10 години затвор. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање е казнет со 15 години затвор, а Абдуљфета Алими е осуден на 7 години затвор.

Од лицата кои со фантомки влегоа во Собранието, највисока казна добија Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо по 15 години затвор; Вилијам Михајловски доби 14 години затвор, Игор Југ и Горанче Анѓелковски по 12 години затвор, а Александар Василевски-Нинџа доби 8 години затвор.

Амбасадите на САД и Германија ја осудија потпалувачката изјава на Мицковски

Германската амбасада и Амбасадата на САД во земјава се огласија по изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека судењето за настаните од 27 април ќе биде практично Нирнбершки процес, серија судења од 1945 до 1949 година на политичкото, военото, судското и економското раководство на нацистичка Германија.

„Споредбата на постапките на правосудните служби на Северна Македонија со Нирнбершките процеси е несоодветна. Со тоа се минимизираат делата на наци-злосторниците. Одговорните лица во Северна Македонија треба да придонесат за надминување на поделбата на општеството и да водат конструктивен дијалог за иднината на земјата во правец на евроатлантските интеграции. Освен тоа, самите изјави за Нирнбершките процеси се целосно неприфатливи“, се вели во соопштението од германската амбасада.

„Потпалувачката реторика од страна на политичките лидери предизвикува страв и поделба, особено кога неправилно се користи за настани од минатото, како што се Нирнбершките судења, за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог за насоката во која се движи земјата. Многу е важно лидерите да се вклучат во граѓански дијалог кој може да ја унапреди стабилноста и просперитетот на Северна Македонија“, се вели во реакцијата од Американската амбасада.

ДКСК ќе го „чешла“ имотот на претседателот Ѓорѓе Иванов

ДКСК на денешната седница објави дека ќе врши проверка на имотот на претседателот Ѓорге Иванов, кому функцијата шеф на државата му истекува на 12 мај. Познато е дека Антикорупциска ќе ја почне постапката по допрен глас и да се види каква промена има во имотот на Иванов по два изминати мандати како претседател на државата.

Минатата недела оттаму наведоа дека предизборните унапредувања и именувања во Армијата што пред две недели ги потпиша Иванов ќе бидат предмет на постапка на Антикорупциска комисија.

Д. Муратов

image_pdf image_print
Print Friendly, PDF & Email