Владата планира да потроши 1,6 милиони евра за употреба на Законот за јазиците
Портпаролот на Владата, Муамед Хоџа, на денешната прес-конференција изјави дека во моментот немаат конкретна сума за тоа колкави ќе бидат финансиските импликации од спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, но, дека минатата година за таа намена биле издвоени 100 милиони денари.
По објавувањето на Законот за употреба на јазиците во „Служен весник“, сите институции се обврзани да создадат услови за практицирање на Законот во секојдневието. Секоја институција притоа треба да направи анализа на своите капацитети и зависно од таа анализа да ги преземе и чекорите со кои ќе се подобрат капацитетите и човечките ресурси во однос на остварување на Законот за јазици. Со Законот се предвидува и формирање на Инспекторат што ќе го мониторира исполнувањето на Законот од страна на сите институции. изјави Муамед Хоџа.
Општините Охрид, Дебар и Ново Село со избори за градоначалници паралелно со претседателските
Паралелно со претседателските избори, во април годинава, во општините коишто во моментов се раководат од в.д. градоначалници како Дебар, Охрид и Ново Село, ќе се одржат и предвремени локални избори.
Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека за ова се прегледуваат сите законски рокови. На вчерашната прес конференција во Собранието, Џафери соопшти дека сега веќе се пред одредување на датумот за одржување на претседателските избори коишто ќе бидат одложени за седум дена од претходните најави заради Велигденските празници. Според Џафери, првиот круг на претседателските избори ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај.
Решенија да се спречи корупцијата во Антикорупциска
Една од промените во новиот Предлог закон за спречување на корупцијата и судир на интереси, што денеска е на дневен ред на Собранието, по скратен постапка и со европоско знамеце, е неможноста членови на Антикорупциска да бидат поранешни пратеници, членови на Влада или политичка партија, но ниту оние што некогаш биле донатори на некоја политичка партија.
Ново законско решение предвидува повисоки ингеренции на членовите на Државната комисија за спречување на корупција, што подразбира и увид во сметките на политичките парии и ревизорските извештаи и покренување на постапки пред надлежните органи по однос на наодите од партиските финансирања.
Примена на нови технологии во изборните процеси
Државната изборна комисија во сорботка со Меѓународна фондација за изборни системи, ИФЕС, а финансирана од УСАИД, организира стручната тркалезна маса на тема „Примена на нови технологии во изборните процеси”, што ќе се одржи утре, 17 јануари во хотелот „Холидеј Ин” во Скопје со почеток во 9:30 часот.
Целта на оваа тркалезна маса е да се иницира дискусија помеѓу релевантните страни во изборите за можноста и потребата од воведување и користењето на нови информатички и комуникациски технологии во изборните процеси и презентација на различните меѓународни искуства, пренесени од страна на видни експерти и практичари од оваа област.
Цановски ќе бара отштета од 40 милиони евра за уривањето на „Космос“
Фијат Цановски, сопственикот на „Космос“, на денешното рочиште за случајот „ТНТ“ пред судот кажа дека уривањето било политичко и дека ќе бара отштета од државата и обвинетите, и посочи дека нивната штета според неколку вештачења кои биле направени изнесува околу 40 милиони евра.
Во Грција осамнаа плакати против пратениците кои го поддржуваат Договорот од Преспа
Плакати со фотографии на пратениците кои го поддржуваат и ќе гласаат за ратификација на Договорот од Преспа беа залепени во Солун и низ други градови во Северна Грција.
Под фотографијата на секој пратеник стои пораката „Дали ќе ја предадеш нашата Македонија?“.
Владејачката Сириза, во соопштението, го опишува овој потег како „организирано заплашување на членовите кои ќе гласаат за Спогодбата од Преспа со фашистички методи“. При тоа, од таму порачаа, дека секој пратеник во грчкиот праламент ќе биде заштитен без разлика на неговото политичко убедување.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ Медиа продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што изминува и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности да ги открие перспективите на претстојната година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски и Арианит Џафери.
А. Петровска