Вратените закони на повторно гласање во среда
Собранискиот спикер Талат Џафери закажа седница во среда на која ќе се гласаат по втор пат дел од законите коишто претседателот Ѓорге Иванов не ги потпиша, меѓу кои и измените на изборниот законик.
Сепак неизвесно е дали Џафери планира потоа да ги прати во Службен весник со еден потпис бидејќи на последниот брифинг со новинарите најави дека ќе го чекаат потписот на новиот претседател.
Зошто токму во среда е закажана седницата нема одговор, иако Џафери тврдеше дека додека е во тек изборна кампања нема да закажува седници дури и да има договор за СЈО.
До крајот на мај обвинение за организаторите на „крвавиот четврток“
До крајот на мај ќе биде готово обвинението против оние за кои обвинителите сметаат дека има докази дека ги организирале настаните за 27 април, тврди шефот на обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска.
Рускоска смета дека за настаните од 27 април виновни се екс министрите Јанакиески и Ристоски, поранешниот спикер Вељаноски и екс шефот на УБК Атанасовски и неговиот колега Никола Бошкоски како и поранешниот премиер Никола Груевски кого Рускоска се сомнева дека ќе го види во скоро време.
За настаните од 27 април 16 лица веќе добија вкупна затворска казна од 211 години.
Нема упис во градинки и училишта без потврда за примена вакцина
Во мај нема упис на првооделенци без примени вакцини. По вчерашното прогласување на епидемија на морбили во целата држава министерот за здравство е категоричен дека освен во градинките, невакцинирани деца нема да се примаат ниту во училиште.
Но, од друга страна нема да се менуваат ниту законите за задолжителна имунизација и основно образование, за што министерот Венко Филипче се повикува на искуствата од Уставниот суд.
„Ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште ако е невакцинирано. Најдовме и одлуки на Уставниот суд, што претходно одлучувал по претставки доставени од родители во 2014 и 2015 година. Јасни се одлуките на Уставниот суд дека никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво“, вели Филипче.
ЦИВИЛ потсетува дека образованието во Република Северна Македонија е уставна категорија и дека Министерството за здравство треба да изнајде соодветни мерки за справување со епидемијата на морбили наместо да ги крши Уставот и законите.
ЦИВИЛ со осуда на неказнивоста на говорот на омразата
ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува говорот на омразата силно присутен во дел од предизборните кампањи и во јавната комуникација во изборен контекст. Уште еднаш, ЦИВИЛ ги повикува институциите, пред сѐ, Државната изборна комисија и обвинителството, како и медиумите и целата македонска јавност најостро да ги осудат и да ги отфрлат сите облици и изрази на говорот на омразата во јавните настапи поединци и групи во земјава. Организацијата потсетува дека патеката од говорот на омразата до кривични дела сторени од омраза е кратка и дека последиците се несогледливи.
Мониторингот на ЦИВИЛ утврди дека се употребува експлицитен говор на омраза на социјалните мрежи, дел од интернет порталите, како и за време на јавните настани што ги организираат политичките структури што ги поддржуваат и промовираат претседателските кандидати. Дел од претседателските кандидати се служат со прикриен, но неретко и отворен говор на омраза.
Избори 2019
ДИК ќе ја проверува спорната апликација на СДСМ
Државната изборна комисија ќе ги прегледа материјалите кои што денеска им се доставени од штабот на кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска Давкова во врска со апликацијата за кој како што тврдат ја користеле активистите на СДСМ со цел да прибираат лични податоци од граѓаните.
Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски вели дека по добивањето на материјалите истите ќе бидат разгледани и доколку се утврди дека Изборната комисија е надлежна ќе бидат преземени соодветни мерки, во спротивно истите ќе бидат предадени на надлежните институции.
Деркоски и ДИК го чекаат револтираниот пиштолџија од Гостивар
На вчерашниот митинг на Стево Пендароски во Гостивар, граѓанин револтиран од Државната изборна комисија, изјави дека со пиштол ќе им оди затоа што го избришале од Избирачкиот список. Без оглед во кој манир и со какава сериозност е изречена заканата ЦИВИЛ го осудува ваквиот вокабулар и очекува од организаторите да го направат истото.
Како одговор на граѓанинот, утрово претседателот на ДИК, Оливер Деркоски на својот Фејсбук профил напиша: „Добро утро од ДИК (го чекаме овај со пиштолот на кој што му беше речено да дојди) што би рекле комшиите: шта речи, а не заплакати!“.
Министрите на ДУИ ја злоупотребуваат службената положба
Викендов, 13 и 14 април, во Дебар министерот за образование, Арбер Адеми, министерот за економија, Крешник Бектеши и вице-премиерот Бујар Османи, одржале повеќе средби со претставници на различни сектори.
Посетите, сами по себе, се логични, бидејќи целта е да се поддржи сопартиецот Хекуран Дука, како еден од кандидатите за градоначалник на општина Дебар и особено затоа што не се случуваат во работно време.
Она што е индикативно се обраќањата на министрите за време на средбите и нивните ветувања пред граѓанките и граѓаните, односно нивните говори од позиција на министри, а не сопартијци на Дука.
Така, министерот Бектеши изјавил дека единствениот пат за реализација на економскиот развој на Дебар е преку поддршката на кандидатот Дука. Или, поедноставено, министерот за економија им соопшти на граѓаните на Дебар дека нема економски развој за општината, ако нивниот кандидат не стане градоначалник на општината.
Вицепремиерот Бујар Османи, на средба со граѓаните потенцирал дека зад кандидатот Хекуран Дука ќе застане целата Влада и ќе ги поддржи неговите проекти. Ваквата постапка на Османи не само што е груба злоупотреба на службената положба, туку претставува и мешање на надлежностите на централната власт врз локалната.
И министерот за образование, Арбер Адеми, не заостанал зад своите колеги и сопартијци, ветувајќи им на граѓанките и граѓаните на Дебар дека, доколку Дука стане градоначалник на општината, лично тој ќе се заложи за напредокот на образованието во Дебар.
За потсетување, злоупотреба на службената положба е секоја постапка на функционерите и службените лица со која ги искористуваат своите овластувања, ги пречекоруваат или не ја вршат својата службена должност за да добијат некаква корист.
Во изборен контекст, злоупотребата на службената положба, подразбира искористување на положбата на службеното лице за изборни цели. На ваквите злоупотреби се однесува уште едно поглавје во Кривичниот законик, Глава 16 – Кривични дела против изборите и гласањето. Ваквата злоупотреба на службената положба најчесто се однесува на вршење притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи кои се финансирани од буџетот на државата, буџетите на општините, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
Ветувањата на министрите на ДУИ искажани на средбите во Дебар, се дел од работата на Владата кои се должни да ги спроведат без разлика на тоа кого граѓаните на Дебар ќе изберат да биде градоначалник на претстојните предвремени локални избори во општината.
Антикорупциска прифати повеќе приговори од ВМРО – ДПМНЕ
Државната комисија за спречување на корупцијата го прифати приговорот на ВМРО – ДПМНЕ против Агенцијата за финансиска поддршка, која во изборен период исплатила 1.250.000 евра на повеќе од 2.000 лозари, но не за субвенции и редовни исплати, туку за исплата на долг на приватни фирми.
Комисијата за спречување на корупцијата на денешната седница по сопствена иницијатива донесе одлука да отвори постапка во врска со исплаќањето на субвенциите за тутун од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
За прекршување на Изборниот законик и на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси Државната изборна комисија ќе иницира и прекршочни постапки за градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, поради склучување договор со Агенцијата за обезбедување имот и лица, во вредност од четири милиони денари, за физичко и патролно обезбедување на 11 основни училишта и две детски градинки.
Исто така, прекршочната постапка е поведена и против градоначалникот на Штип во врска со дистрибуција на дрва за огрев на четири социјално загрозени семејства.
Изборна хроника
„’Јас утре, здравје Боже, на функција ако бидам и ако крадам народни пари, како што тие крадеа и за мене да важи: Да си лежи во затвор’, изјави кандидатот за претседател Стево Пендаровски, синоќа во Гостивар. Тој додаде дека тие што краделе, ќе ги вратат парите и ќе си лежат во затвор.
Но, кој досега вратил од парите и кој лежел во затвор? Судења има, притвори има, куќни притвори има исто така, ама сите се ослободуваат, одложуваат, бегаат… Поранешниот премиер Никола Груевски, за кој СДСМ зборуваше и сè уште зборува, дека најмногу крадел, успеа да им избега… и сè уште не се знае како.“, се вели во денешната изборна хроника – Празни ветувања, лицемерие, пиштоли, етнички и родови акробации…
М. Ивановска