Четири години по големиот граѓански протест што се одржа на 17 мај 2015, Македонија е сè уште исправена пред огромни предизвици. Голем број граѓанки и граѓани кои присуствуваа на митингот против режимот на Никола Груевски испратија порака дека граѓаните се подготвени да работат заедно на демократските вредности.
Во 2015 година граѓанките и граѓаните најавија: #Доаѓаме! одлучни дека постои само еден начин за решавање на политичката криза и за ослободување од, тогаш веќе деветгодишната диктатура на Никола Груевски, дека постои само еден пат до слободата. Одлуката беше: Оставка на Груевски!
„Денеска дојдовме по нашата слобода!… Патеката е јасна: оставка, праведно судење, конфискација, затвор“, беше дел од говорот на Џабир Дерала, пред 100.000 граѓанки и граѓани кои тој ден се собраа и останаа формирајќи го Кампот на слободата #ЗбогумНикола.
По шеесет дена Кампот на слободата се крена, фронот остана. Денес, ЦИВИЛ сè уште е на фронтот и не се повлекува. Борбата за слободно и демократстко општество не е завршена. ЦИВИЛ останува бескомпромисен и посветен на одбраната на човековите права и слободи, силно посветен и доследен во заложбите за слобода, правда и еднаквост.
Денеска, четири години подоцна, 17 мај се чини како да најавуваше енормни промени во општественото и политичкото делување, ветуваше демократија и владеење на правото.
Синиша Станковиќ во својата колумна во 2016 година, меѓудругото пишува: „Засега, слободата навистина се освојува бавно и макотрпно, но тоа е процес кој неминовно ќе има крај што ќе значи триумф на слободумните и продемократските сили. Тоа им е јасно и на запенавените борци за фотелји. Но, патот до слободна и демократска Македонија е долг и трнлив и ќе бара уште многу напори и жртвувања, токму затоа што е и единствениот излез за спас од амбисот. Македонија цела деценија се стрмоглавува кон дното. Сега, шаренилото ѝ нуди на кревкава држава некаква шанса да исплива, да се измолкне, и да тргне наназад – кон вистинските насоки кои одамна ги напушти, бегајќи во виртуелниот свет, поради што стана објект на мајтап или на сожалување во светот“.
Џабир Дерала во својот денешен рафал истакна: „Денеска (17 мај), се сеќаваме на најголемиот граѓански протест во историјата на нашата земја кога, според светските медиуми, 70-100 илјади граѓанки и граѓани излегоа на улиците и бараа оставка од криминалната влада на Груевски и Фамилијата и враќање на демократијата, владеењето на правото и почитување на човековите права, можеме да се потсетиме и на надежите, барањата и ветувањата што беа изговорени на говорницата пред грдата зграда на владата. Протече многу вода од тогаш. Правдата сѐ уште ја чекаме“.
Дехран Муратов