Лајчак: ЕУ мора да го исполни ветеното за Северна Македонија
Министерот за надворешни работи на Словачка и актуелен претседавач на ОБСЕ, Мирослав Лајчaк, изјави дека ЕУ мора да го исполни ветеното и оваа година да отвори ново поглавје во односите со Северна Македонија.
Лајчак рече дека Северна Македонија стигнала подалеку отколку што можело да се претпостави пред неколку години и сега е време да се наградат напорите на државата.
„Дискусиите за датумот за преговори продолжуваат, а неколку месеци нема да направат голема разлика за граѓаните на Северна Македонија. Земјата оваа година мора да го донесе заслужениот успех за отворање ново поглавје во односите со Унијата. Доколку ЕУ не ги исполни ветувањата тоа ќе донесе сериозни последици“, додава Лајчак.
Во Скопје е во улога на претседавач на ОБСЕ, но и на шеф на словачката дипломатија, а ќе има средби со високи државни функционери, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и граѓански организации.
Милошоски ја манипулира јавноста со стари фотографии и дезинформации
Поранешниот министер за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, инаку осомничен во случајот „Моќник“ на СЈО за кривичните дела Измама и Злоупотреба на службената положба и овластувања., повторно неуспешно и проѕирно, се обидува да манипулира со јавноста, објавувајќи фотографија од текст објавен дури во април годинава, а кој веќе не е валиден со оглед на развојот на настаните. Тој, се обидува да го поврзе стариот текст со Советот за општи работи на Европската Унија што се одржа вчера во Луксембург.
Имено, Милошоски не само што употребува стари вести, туку и шири дезинформации за тоа кои земји се изјасниле против отпочнувањето на преговори со Северна Македонија за членство во Европската Унија.
Важно е јавноста да се запознае дека ваков вид на одлука воопшто не е донесен, а ниту, пак, земјите членки на овој Совет гласале за или против отпочнувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Она што е донесено како конкретна одлука за Северна Македонија е дека конечната одлука ќе биде донесена во септември.
Владата контра лажните вести: Сите се ЗА позитивна одлука во октомври и почеток на преговорите до крајот на годината
ЦИВИЛ Медиа се обрати до Владата со прашања поврзани со најновиот развој на настаните поврзани со македонските евроинтеграциски процеси, особено по бранот лажни вести што ги лиферуваат дел од политичарите на опозицијата и медиумите блиски до нив.
Во Владата се категорични: „Ниту една држава не изразила сомнеж дека РСМ ги исполнила сите задачи. Холандија изразила очекување да се донесе Законот за Јавното обвинителство, но без негативен став и со согласност за почеток на преговорите годинава.“
И САД очекуваат позитивна одлука од ЕУ за преговорите со Македонија
САД силно веруваат дека Северна Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите што е можно поскоро, изјави денеска в.д. амбасадорката на САД во земјава Микаела Швајцер-Блум.
„Владата на Соединетите држави силно верува дека Северна Македонија заслужува датум за отворање на преговорите во најскоро можно време. Ние ја зедовме предвид изјавата од состанокот синоќа и сме охрабрени дека ЕУ ќе донесе одлука Северна Македонија да ги отвори пристапните преговори оваа година“, рече Швајцер-Блум во изјава за МРТВ во врска со пристапните преговори за земјата, објавена на Фејсбук профилот на Американската амбасада.
М. И.