Уапсен Стевчо Јакимовски
Поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски е уапсен. Тој и двајца негови соработници од општина Карпош беа уапсени утринава под сомнение дека ја злоупотребиле службената должност. На Јакимовски му беше одземен пасошот во август, минатата година, а од октомври е под истрага на СЈО во предметот „Хармонија“.
Тој пред судот изјавил „Не им се плашиме. Ќе ги тепаме“, но не посочи кого и на што конкретно мислел.
Заев – Могерини: Работиме напорно за да испорачаме резултати
Премиерот Зоран Заев својата работна посета на Брисел денеска ја започна со средба со потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
Могерини ја охрабри Владата пред јуни оваа година да ги спроведе преостанатите мерки за комплетирање на реформите предвидени со заклучоците на Европскиот совет од јуни 2018-та година.
Учесниците на денешната средба во Брисел се согласија дека успешното спроведување на фер, демократски и слободни претседателски избори е клучно и приоритетно за Владата.
Русија ја призна Северна Македонија
Премиерот Зоран Заев, синоќа го прими рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кој му предаде копија од нотата на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, согласно која врз основа на одлуката на претседателот Владимир Путин оваа земја го признава новото име на нашата земја – Република Северна Македонија.
Власта и опозицијата не се договорија за СЈО
Специјалното јавно обвинителство и понатаму е пречка меѓу власта и опозицијата. Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не најдоа заеднички јазик околу обвинителството на Катица Јанева. Опозицијата бара СЈО да ја загуби автономијата и да се вклопи во обвинителството за организиран криминал.
Комбиња од Министерство за земјоделие ќе се пренаменат во Брза помош
Службите за итна медицинска помош до крајот на месецот ќе добијат 12 нови амбулантни возила, кои Министерството за здравство ги набави лани. Осум возила кои неколку години ги има Министерството за земјоделство, но досега не биле користени, ќе бидат дадени на Министерството за здравство. Тие ќе ги пренаменат и ќе ги користат како возила за Брза помош.
„Тие може да се пренаменат и да бидат амбулантни возила, односно треба да се доопремат. Министерството за земјоделство не ги користи овие возила и со одлука на Влада ќе ги преземеме ние. Овие возила иако се стари неколку години, практично не се користени и соодветни се да се користат како солидни амбулантни возила. Со тоа значајно ќе го надополниме целокупниот систем на Итна помош во државата. Тие биле предвидени за нешто друго и ние ќе ги добиеме за пренамена“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Граѓаните од политичарите очекуваат поквалитетен живот
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, на денешното доделување на награди на мрежата „Сите сити“, изјави дека очекува пратениците во најскоро време да ги донесат законите со кои се овозможуваат реформи во социјалната сфера. Овие реформи треба да им овозможат поквалитетен живот на граѓаните, особено на ранливите категории.
„Министерството за труд и социјална политика (МТСП), преку Владата го помина пакетот реформски закони на кои сум исклучително горда. Тие се во собраниска процедура. Очекувам Собранието во скоро време во интерес на граѓаните и сиромашните да ги изгласа, затоа што тие граѓани од пратениците за кои гласаа пред само две години, очекуваат поквалитетен живот“, додаде таа.
Д. Муратов