Велика Британија почна да го повлекува персоналот од својата амбасада во Украина, по предупредувањата за руска инвазија, објави Би-Би-Си. Официјални лица наведуваат дека нема конкретна закана за британските дипломати, но дека половина од вработените во дипломатската мисија во Киев ќе се вратат во Британија.
Одлуката на Велика Британија уследи откако САД им наложија на семејствата на вработените во американската амбасада во Киев да ја напуштат Украина, тврдејќи дека Русија може да ја нападне Украина во секое време, пренесува информативната агенција МИА.
Русија негира дека планира каква било воена акција во Украина.
Европската унија, за разлика од САД и Велика Британија, одлучи засега да не го повлекува дипломатскиот персонал од Украина. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека нема да ги „драматизира“ тензиите, дека ЕУ не гледа причина за такво нешто и оти ќе побараат објаснување од САД за таквиот потег.
– Сè уште нема единствен предлог за санкции од ЕУ, но се разгледуваат неколку опции. За нив во моментов се преговара меѓу институциите и земјите на ЕУ, рече дипломатот.
Сепак, тој додаде дека во случај на агресија врз Украина, Унијата „ќе може да воведе санкции кон Русија во рок од неколку дена“.
САД синоќа соопштија дека наредиле да се вратат дома членовите на семејствата на вработените во Амбасадата во Украина, повикувајќи ги сите американски граѓани да размислат за заминување поради заканата од руска воена акција.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека одобрил „доброволното заминување на американските државни службеници и наредил заминување на членовите на нивните семејства од Амбасадата во Киев поради континуираната закана од руска воена акција“.