„27 Април“
Еден од петмината осомничени како организатори на нападот врз Собранието на 27 април 2017 година, Трајко Вељановски, поранешен председател на Собранието, вчера го напушти судот благодарение на пратеничкиот имунитет. На излегување, тој даде кратка изјава за медиумите за кои изјави дека по 10 години претседавање со Собранието, ова обвинение е срамно.
Основен Суд Скопје 1 денеска испрати барање до Собранието за одземање на имунитетот на пратеникот Вељаноски, кој заедно со 4 други лица е осомничен за организирање на настаните на 27 априлл 2017 во Собрание. Но, претседателот на Собранието, Талат Џафери, му го вратил на судот заради грешка во членот на кој судот се повикува.
Во Јавното обвинителство се одржа и прес конферснција по повод настаните од 27 април 2017 година. Обвинителката Вилма Рускоска истакна дека предистражната постапка секогаш била во насока на откривање на организаторите на тој настан, по што вчера се донесе наредба за спроведување истражна постапка против организаторите. Станува збор за Трајко Вељановски, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски.
Запрашана за нејзино мислење што би се случило доколку не се отвореа вратата на Собранието на 27 април 2017, дали воопшто ќе се случеше „крвавиот четврток“, Рускоска одговори: „Јас сметам дека доколку не беа отворени вратите, немаше да се случи крвавиот настан“.
Закани
По вчерашното апсење на Трајко Вељановски, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, ВМРО-ДПМНЕ и возврати на власта со закана дека нема да ги гласа реформските закони. Координаторот на пратеничката група на оваа партија, Никола Мицевски, обвини дека заедно со Вељановски вкупно стануваат 8 барања за одземање имунитет на пратеници од опозицијата, а веќе една четвртина од нивната пратеничка група е под некоја истрага. Според него сите овие процеси се политички и неосновани, затоа побараа избор на нов Јавен обвинител по предлог на опозицијата.
СДСМ веднаш предупреди, ВМРО-ДПМНЕ да не ги блокира евроинтеграциите со негласање за реформските закони. За тоа дали ќе се разгледа барањето за обвинител по предлог на опозицијата, велат дека тоа било и нивно ветување и дека ќе се случи откако ВМРО-ДПМНЕ ќе се дистанцира од криминалот во минатото.
Трагедија кај Ласкарци
Јавниот обвинител Љубомир Јовески потврди дека возачот на автобусот на „Дурмо турс“ добивал закани по живот. Сепак, уште нема информации за тоа кој е виновен за несреќата. Тој испрати апел да се почитува презумпцијата на невиност, но и приватноста на шоферот кој сè уште е мета на следење. Јавното обвинителство потсети дека и самиот возач на превртениот автобус е жртва во сообраќајната незгода.
Средби
Германскиот експерт за владеење на правото Рајнхард Прибе денеска се сретна со премиерот Зоран Заев и со министерката за правда, Рената Дескоска.
Во фокус на средбата беше реформската агенда за правосудството на Министерството за правда и усогласувањето на домашната регулатива со европските стандарди.
На средбата со Заев се зборувало за важноста од имплементација на реформите во правосудството и донесените закони, бидејќи, како што е констатирано, еден од важните аспекти, којшто покажува дали функционира една демократска држава, е независен, транспарентен и ефикасен правосуден систем.
Непотизам
Министерот за администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски јавно ги повика вработените во администрацијата, кои се во роднински врски со поранешни и сегашни функционери сами да се повлечат и најави дека сите податоци ќе ги достави до Државната комисија за спречување ма корупцијата (ДКСК).
„Ги повикувам и тие од власта и тие од опозицијата, кои ги има илјадници, сами да се повлечат. Сите податоци ќе ги доставиме до Државната комисија за спречување на корупцијата која ќе одлучува по нив“, рече Манчевски.
Процедури
Официјално, од полноќ при влез во Грција македонските граѓани ја минуваат македонско-грчката граница само со пасоши, на кои на излез од земјава нашите гранични полицајци им ставаат печат на кој на македонски, англиски и на француски јазик пишува дека патната исправа е во сопственост на Република Северна Македонија, а грчките полицајци првпат ставаат печати во пасошите.
Одбележување
На 21 февруари се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, прогласен на триесеттата седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 година. Меѓународниот ден на мајчиниот јазик е ден за промовирање на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот. Во 2000 година, овој датум е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност.
Б. Јордановска