Пендаровски, Силјановска-Давковска и Река поднесоа кандидатури за претседател
Денеска во ДИК беа доставени потписите за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и коалициите, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски, а претходно беше поднесена и кандидатурата за Блерим Река, кој доби поддршка од Беса и Алијанса за Албанците. Трите кандидатури се очекува и официјално да бидат потврдени на денешната седница на ДИК.
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, најави дека во текот на утрешниот ден ќе се утврди редоследот на кандидатите на гласачкото ливче за претстојните претседателски избори што ќе се одржат на 21 април.
A Филип Петровски, пак, ќе ја тужи ДИК.
Намалување на редовните ученици за учебната 2017/18
На крајот на учебната 2017/2018 година бројот на учениците во редовните основни училишта бил 188.517, што е намалување за 0,9 проценти во однос на претходната учебна година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во редовните средни училишта на крајот на 2017/2018 година имало 70.861 ученик, односно намалување за 2,2 отсто во однос на учебната 2016/2017 година.
Депониите – нашето културно наследство
Центарот за современ уметности со проектот „Креативни заедници“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество, спроведе герила – акција во 200 депонии низ државата кои ги прогласи за „автентично културно наследство“.
Според информациите од ЦСУ во земјата има преку 300 депонии и над 1.500 диви селски депонии и буништа. Како најзагрозени региони ЦСУ ги посочи Полошкиот, Скопскиот и Кумановскиот регион. Оние „најубавите“, поради својот развој и богатство од отпад добија и пригодни табли на кои се прогласуваат за национално културно богатство.
Светски ден на Даунов синдром
Даунов синдром – Трисомија 21 е хромозомско нарушување предизвикано од екстра генетички материјал во 21 хромозом. Откриен е во 1866 година од лекарот Џон Ленгдон Даун. Подоцна ова генетско хромозомско пореметување е наречено Даунов синдром, а негова причина се одредени грешки во клеточната делба пред оплодувањето.
Денеска се одбележува Светскиот ден на Даунов синдром.
Граѓанското новинарство е на првите линии на фронтот
„Граѓанските новинарки и новинари се на првата линија на фронтот за откривање на нерегуларностите во општеството, во практикувањето на власта, во злоупотребите на службената положба и на јавните ресурси. Истото тоа важи и за набљудувањето на изборните процеси“ – гласи почетокот на видео повикот за учество на граѓанските новинарки и новинари во мониторингот на изборниот процес што, во име на ЦИВИЛ, го упати Џабир Дерала.
А кога сме веќе кај граѓанското новинарство, денеска ЦИВИЛ Медиа и проектната веб страница Граѓански објектив објавија сторија за неисполнетото ветување дека ќе се реши горливиот проблем со водата со кој се соочуваат жителите на битолски Баир со децении.
Безбедноста и изборите
Тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска се сретна со Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, како дел од серијата средби што организацијата ги има со релевантни институции и организации на тема претседателски избори.
Тимот на ЦИВИЛ и Министерот Спасовски се согласија дека е суштински важно да имаме безбеден и законит изборен процес во кој ќе бидат заштитени првенствено граѓанките и граѓаните, како внатре во избирачкото место, така и надвор од него. Искуствоото покажува, нагласија претставниците на ЦИВИЛ, дека најголем дел од заканите, притисоците, поткупот, па и говорот на омраза се случуваат токму надвор од избирачките места.
Д. Муратов