Одговорност
По вчерашниот инцидент во затворот во Шутка, премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска побараа оставка од директорот на затворот, Ѓоко Котевски, кој изјави дека оставката ќе биде доставена во понеделник, заедно со извештајот од истрагата.
Иако уште нема детали кој го предизвикал инцидентот, Котевски останува на ставот дека виновни се Миле Јанакиевски и Спиро Ристевски кои упатиле вербални провокации кон затворениците кои потоа ги нападнале.
Во истрагата се вклучи и Народниот правобранител кој, по сопствена иницијатива, отвори предмет за случајот. Согласно член 24 став 1 алинеја 3 од Законот за народниот правобранител, на разговор ќе бидат повикани директорот на Управата за извршување на санкциите, директорот на Затворот „Скопје“ и сите други службени лица кои можат да дадат определени податоци во постапката, со цел објективно да се утврди состојбата во врска со овој настан, по што Народниот правобранител ќе ја информира јавноста за своите наоди.
ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од инспираторите и нарачателите на физичкиот напад, сметајќи дека е инсцениран, а не случаен.
Имунитет
Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјаноски, осомничен како еден од организаторите на настаните од 27 април 2017 во Собранието, присуствуваше на денешната седница на Комисијата за мандантни и имунитетни прашања каде се одлучуваше за одземање на неговиот имунитет. Тој прв се пријави за збор и се обиде да објасни за што бил испрашуван од обвинителот. Меѓу другото, во својата одбрана, Велјановски рече дека на 27 април ги почитувал законите и деловникот на Собранието и ни на крај памет не му паднало дека може да се случи таков настан.
“Десет години бев претседател на Собрание. На крај памет не ми паднало да направам нешто спротивно на деловникот, законите и Ссобраниската процедура. Сакав од таа позиција да си одам на нормален и достоиствен начин, а не вака” – изјави Велјаноски пред членовите на Комисијата за мандатни и имунитетни прашања.
До затворањето на денешниот Дневник на ЦИВИЛ МЕДИА, седницата сѐ уште течеше во тензинчна атмосфера.
Автономија на СЈО
Според изјавата на министерката за правда, Рената Дескоска, Специјалното јавно обвинителство ќе биде дел од Основното јавно обивнителство.
„Во моментов изработен е текст во Министерството за правда, кој ги сублимира добрите решенија од едниот и од другиот закон и во неговите одредби се содржани одредби кои што го воспоставуваат СЈО како траен орган во системот на ЈО со одредени гаранции на нивна автономија бидејќи, сепак, мора да бидеме свесни дека системот кој што остана зад нас, кој што беше повод и причина за формирање на СЈО може да се врати било кога“, појасни Дескоска.
Исчезнувања
Моментално, на страницата на Министерството за внатрешни работа, низ текот на последните години, на листата на исчезнати има вкупно 64 лица. Веста за секое исчезнато лице е загрижувачка, но она што најмногу вознемирува е фактот што на оваа листа има имиња и фотографии од деца.
Изминатите неколку дена, на социјалните мрежи се раширија и секакви шпекулации од анонимни граѓани дека наводно има некои луѓе кои се обидуваат да киднапираат деца и дека според извештај на судска медицина на претходно исчезнатата Даниела Пецевска ѝ биле извадени органите, но дека тоа не сака да го каже никој.
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантираше шпекулациите за наводно постоење на киднапери кои киднапираат поради препродажба на човечки органи и ги отфрла како неточни. Тие повикуваат граѓаните да не потпаѓаат на шпекулации со кои се шири паника и страв.
Неосновани се и дезинформациите дека има пораст на бројот на исчезнати лица, тврди МВР. Според соопштението, статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94%.
Политичко финансирање
Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, во изборен котекст, изјави дека веќе се преземени одредени активности во насока на следење на финасиите на партиите за време на изборната кампања.
„Ќе се обидеме на сите можни начини и со сите расположиви ресурси што ги имаме да го покриеме тој дел. Затоа ја повикувам јавноста, НВО и медиумите, сите да настапиме единствено. Секој што ќе дојде до некоја информација за неадекватно користење или злоупотреба на пари на државата да ја извести ДКСК“, изјави Ивановска.
Изборите и лицата со попреченост
Во разговор со ЦИВИЛ Медиа, Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, ги посочи предизвиците на лицата со попреченост во процесот на гласање за време на претседателските избори.
Како шти изјави Димитровска, најголемиот проблем е во системските решенија, односно во изборното законодавство, што е поврзано со многу други закони за лицата на кои им се одзема деловната способност. Овие лица се бришат од Избирачкиот список, како воопшто да не се жители на државата, вели Димитровска, додавајќи дека не постои разбирање од релевантните институции за промена на законските решенија поврзани со правата на лицата со попреченост.
Корупција
На конференцијата „Институционални реформи за борба против корупција, најдобри практики спрема европскиот модел-италијанскиот пример”, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Амбасадата на Италија во Република Северна Македонија учествуваше и премиерот Зоран Заев.
Заев истакна дека корупцијата извршена од лица што работат во јавниот сектор, од лица кои треба да бидат застапници, заштитници и спроведувачи на законите и на владеењето на правото, е најтежок вид на корупција. Затоа, истакна тој, потребна е сеопфатна, високо приоритетна акција за искоренување на корупцијата и конфликтите на интереси на сите нивоа и во сите јавни институции.
Б. Јордановска