Загадување
Владата ги прекина мерките и препораките за загадувањето по два дена од нивното донесување. Имено, во соопштението на Владата се наведува дека прагот за алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 188 mg/m3 во текот на два последователни денови) и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, е надминат на мерното место Струмица, за каде остануваат во сила мерките и препораките.
Избори
Државната изборна комисија започна со подготовките за престојните претседателски избори на денешната јавна седница. На дневен ред беа повеќе предлог процедури поврзани кандидатските листи, постапување по приговори од стручната служба на ДИК, за набљудување на изборите и изборната постапка, за вршење увид во евиденција на МВР за издавање на биометриски исправи како и во базите на податоци и евиденции на граѓани на други државни органи и институции…
На тема избори, Зијадин Села од Алијансата за Албанците изјави дека сè уште немаат став во врска со претседателските избори, но дека се согласуваат со предлогот за избор на претседателот во Собранието. Воедно Села смета дека се потребни и предвремени парламентарни избори, паралелно со претседателските, со образложение дека Владата беше неуспешна во врска со многу прашања, особено во доменот на правдата.
Антикорупција
Собранието го објави огласот за новиот состав на Државната комисија за спречување на корупција. Огласот ќе трае седум дена, а е објавен во дневните весници. При изборот, според новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, ќе важи принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на подеднаква родова застапеност.
Огласот ќе трае 7 дена за претседател и шест членови на ДКСК со мандат од 5 години по што нема да имаат право на повторен реизбор.
Суд
Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот „Титаник“, кој се однесува на изборни нерегуларности. На последното рочиште за предметот „Титаник“ беа презентирани материјални докази, како документи, списоци од избирачки места, телефонски разговори.
Закон за јазици
Oткако вчера вицепремиерот Бујар Османи изјави дека Законот за употреба на јазиците не треба да се испрати до Венецијанската комисија бидејќи македонски претставник таму е професорката Тања Каракамишева, која што го оспорува процесот, денеска Владата, сепак, го испрати законот во Венеција.
Премиерот Зоран Заев истакна дека секое укажување на Венецијанската Комисија ќе биде вградено во Законот за употреба на јазиците, и на тој начин ќе се отстранат резервите кај било кој граѓанин.
Перспективи 2019
ЦИВИЛ Медиа продолжи со објавување на серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што измина и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности, да ги открие перспективите за 2019 година.
Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми, Марта Гусар, Фатон Алити, Сашко Попоски , Сашо Орданоски, Арианит Џафери , Акиф Кариман , Огнен Јанески , Кочо Андоновски и Младен Чадиковски.
Б. Јордановска