„30 години независност. Низ нив, доживеавме многу заеднички успеси, радости, напредок на важни полиња, но и многу разочарувања, неуспеси, поделби, назадување на исто така важни полиња. 30 години, постојано сме на некој крстопат, постојано во неизвесност, дали ќе нè биде или не”, читајте во новата колумна на Петрит Сарачини „30 години независност: Ќе нè биде, но само заедно!’’
ПРОСЛАВА: Здравствени работници, спортисти, пожарникари, полицајци и војници, рудари, земјоделци, волонтери на Црвен крст, извидници, како и националните ансабли и културно-уметничките друштва денеска ќе продефилираат во центарот на главниот град по повод 30 години независност на државата.
ИНТЕГРАЦИИ: Специјалниот известувач во Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук упати честитка до граѓаните по повод Денот на независноста посочувајќи дека нашата земја стана успешен модел за мултиетничка коегзистенција и фактор на стабилност на Западен Балкан.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ: Остануваат уште два дена за увид во Избирачкиот список и четири дена за поднесување кандидатури за градоначалници и советнички листи за изборите. Обуките за употреба на терминалите за вчитување на отпечатоци од прсти се отпочнати.
ПОПИС: Пописот на населението и објектите во првите три дена, со исклучок на привремените технички проблеми, се одвива добро и досега се попишани околу 150 илјади граѓани. Софтверската апликација за попишување е апдејтирана и системот е рестартиран за непречено продолжување на пописот.
КОНФЕРЕНЦИЈА: Во рамките на Петтата светска конференција на претседатели на парламенти, што се одржува во Виена, Австрија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, имаше средба со претседателот на Парламентот на Грузија, Каха Кучава.
Дел од најавите се од сервисот на МИА.
Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.