Вест на денот: Македонија од денеска со свое место во НАТО
Амбасадорите на 29 земји членки на Северно-атлантската алијанса денеска во седиштето на организацијата го потпишаа Протоколот за членството на Македонија во НАТО. На церемонијата во седиштето на Алијансата, во Брисел, присуствуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на почетокот изјави дека „ова е историски момент за земјата. Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас покажаа голема храброст со постигнувањето на Договорот од Преспа, со што придонесоа и за стабилноста и безбедноста на регионот“.
И Груевски честиташе за приемот во НАТО
Осудениот експремиер Никола Груевски се јави со долг пост на Фејсбук во кој честиташе за приемот во НАТО. „Човекот што упорно ја туркаше земјата во изолација, ја унакази земјата по сите основи, вдолж и попреку, сега упати честитка за потпишувањето на протоколот за НАТО. И, неговото обемно, здодевно и празно писание било само прв дел (!)“ – беше коментарот на Џабир Дерала од ЦИВИЛ за овој најнов настап на Груевски на социјалните мрежи.
ДИК апелираат граѓаните до петок да ги подигнат личните карти
Државната изборна комисија соопшти дека МВР ќе ги достави податоците на граѓаните што ќе влезат во Избирачкиот список до ДИК, ден по распишување на изборите.
„МВР до ДИК ги доставува податоците на граѓаните што се полнолетни и кои на денот на изборите имаат важечка лична карта или патна исправа. Бидејќи за важечки документ се смета само издаден документ , ДИК ги повикува сите граѓани што сакаат да го остварат гласачкото право на престојните претседателски избори да ги подигнат подготвените документи од управните служби на МВР. Апелираме граѓаните тоа да го сторат најдоцна до петок, 8 февруари. Доколку не ги подигнат своите документи овие граѓани нема да бидат забележани во изводите на Избирачкиот список“, изјави Љупка Гугучевска, портпаролка на ДИК.
Вангеловски им пресуди на пресудите на СЈО уште пред да ги види
„Врховен суд не може да ја преземе улогата на законодавниот дом, односно на Собранието. Со оваа одлука, Врховен суд се лиши од слободата да може да одлучува за индивидуални случаи што ќе стигнат до нив!“ – изјави проф. Мирјана Најчевска за ЦИВИЛ Медиа. Оваа изјава доаѓа откако вчера претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, на гостувањето на ТВ Телма, потврди дека, доколку Кривичниот суд донесе пресуда за некој предмет од СЈО отворен после рокот од 18-те месеци и осудениот се жали до Апелација, а потоа жалбата стигне и до Врховен суд, тогаш Врховниот суд ќе ја укине пресудата.
„Застрашувачки е тоа што обвинителот Вангеловски со оваа изјава им се заканува на судиите дека сите одлуки на СЈО ќе паднат на Врховен“ – додава Најчевска.
Никој не е одговорен за бегството на Груевски
„До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителствo“, соопштуваат од ОЈО.
Обвинителството се јави откако пред неколку дена бегалецот Груевски во телевизиско интервју не кажал како избегал, пришто нагласил дека за тоа треба надлежните институции да дадат одговор.
Димитриевски: Развојот на економијата да биде основниот двигател на општеството
„Во сите овие 28 години независност, граѓаните заслужуваат и многу повеќе. Сето она што значат евроатлански перспективи и процеси дополнително ќе земат данок во делот на миграцијата на населението. Ако ги следиме примерите, и во соседството, и во регионот, без разлика која држава во каква социо-економска состојба да е, евроатланските процеси подразбирале нови миграции… но, најдобро е да се сочува фундаментот, љубовта кон државата, а паралелно со тоа државата да најде механизми и да стави конечно крај на корупцијата, митото, злоупотребите, да постави систем на вредности и секако справување со бирократијата што е еден од најсериозните проблеми во државата“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово во разговор за ЦИВИЛ Медиа за Перспективи 2019.
Во Македонија има разни здруженија, па има дури и здружение „Традиционално семејство“, кое е основано по иницијатива на граѓани од Кочани и Штип. Нивната цел, како што се декларираат самите, е да ги промовира и унапредува семејните вредности. Ќе дејстувале на територијата на целата држава.
Против дискриминација, со дискриминација! Традиционално.
Седумдесет невладини организации упатија заедничко писмо до Собранието на Македонија, со кое изразија поддршка на новиот Предлог закон за спречување и заштита од дискриминација и побараа веднаш да се стави на дневен ред и побараа негово усвојување. Според невладините организации, овој закон, меѓу другото, оди во прилог на евроинтеграциите на Македонија.
Од здружението „Традиционално семејство“ велат дека новиот закон ќе ја дискриминира сегашната брачна заедница, помеѓу маж и жена, но токму тие самите ги дискриминираат оние луѓе кои се различни од нив.
Реформи
Ќе се формира уште една државна агенција. Тоа ќе биде агенцијата што ќе го надгледува спроведувањето на Законот за употреба на јазиците, а директорот ќе биде избран на јавен оглас, изјави владиниот портпарол Мухамет Хоџа.
Д. Муратов