ДКСК интензивно работи на следење на изборниот процес
Државната комисија за спречување корупција веќе работи интензивно, не само на предметите за непотизам, туку и на тековниот изборен процес. Со приближување на датумот за почеток на изборна кампања, крајниот рок за собирање потписи за кандидатски листи и можни изборни неправилности, особено од аспект на изборна корупција, беа повеќе од доволен повод за интервју со претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Ивановска истакна дека веќе се преземаат активности во насока на пообјективно следење на изборната кампања, како преглед на сите службени возила, проверки на листи за евиденција на работното време, во контекст на спречување на злоупотреба на буџетските средства и човечките ресурсни во изборни цели.
Се усогласува Законот за попис
Законот за попис е во Владата и во моментот тече усогласувањето меѓу коалициските партнери, информираа денеска владините портпароли Миле Бошњаковски и Мухамет Хоџа.
„Најверојатно на следната владина седница ќе се најде на дневен ред“, истакнаа портпаролите.
Химната нема да се менува
На редовната прес-конференција во Владата, Бошњаковски појасни дека имињата на институциите каде се споменува зборот „Република Македонија“ се заменети со „Република Северна Македонија“, додека во случаите кога се работи за институција од национален карактер, а во името ја придавката „македонска“, то е заменета e со „национална“ како што е случајот со Македонска радиотелевизија којашто сега се преименува во Национална радиотелевизија. Придавката „македонска“ останува само кај институциите кои го идентификуваат македонскиот национален идентитет како што е случајот со Македонскиот народен театар.
Бошњаковски истакна дека нема да има промена во химната, а остануваат и имињата на градовите Македонски Брод, Македонска Каменица…
Од Владата не откриваат колку ќе чини преименувањето, но најавуваат дека ќе излезат со информација откако ќе заврши целиот процес.
Во Северна Македонија има недостиг од 600 лекари
Според анализите на Министерството за здравство во земјава недостасуваат околу 600 лекари, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче за време на неговата посета на охридската болница.
Министерот информираше дека министерството интервенирало со тоа што во текот на минатата година биле вработени 3.200 медицински работници, од кои најмногу лекари и медицински сестри.
Кој се спаси од „Бомбите“?
По усвојувањето на предлог-законот за Јавното обвинителство во кој трајно е регулиран статусот, автономијата и надлежностите на СЈО, ќе може да се користат прислушуваните материјали во 20 обвиненија, како и во предметот Шпион кој е преземен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Прислушуваните материјали ќе може да се користат како доказ во следните постапки : „Титаник“, „Тврдина – Таргет“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Титаник 2“, „ Титаник 3“, „ Тортура“, „Тврдина 2“,„Трезор”, „Насилство во општина Центар”, „Топлик”, „Тендери“, „Тарифа“, „Тенк“, „Труст“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Траекторија“, „Тревник“.
Прислушуваните разговори за предметите „Маѓар телеком“, „Монструм“ „Талир 1“ и „Талир 2“ нема да можат да се користат како докази во постапките, бидејќи се преземени по 30 јуни 2017 год. За предметот „Империја“ од СЈО тврдат дека имаат цврсти докази за сторени кривични дела, нема да се користат прислушуваните разговори како докази.
Од „бомбите“ ќе се спасат и осомничените за неуспешниот попис Али Ахмети и Никола Груевски, Силвана Бонева за патните трошоци, вицепремиерот Бујар Османи за здравствената опрема и поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески.
Настан што не се пропушта: Борба, не кафана!
ЦИВИЛ – Центар за слобода, утре со почеток во 12 часот во Менада организира предосмомартовска панел дискусија „Борба, не кафана“, посветена на правата на жените, но и суштината на празнувањето на 8 март.
На панелот ќе зборуваат Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност, активистките Даниела Мирчевска и Мерита Максути, Дијана Тахири и Маја Ивановска од ЦИВИЛ, како и рамноправниот меѓу жените, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Заврши конкурсот за аплицирање за набљудувачи на претседателските избори
Заврши конкурсот за пријавување на заинтересираните краткорочни и долгорочни набљудувачи на ЦИВИЛ за претстојните претседателски избори завршува денеска (6 март) во 17 часот. Во наредниот период комисијата на ЦИВИЛ ќе работи на селекција на кандидатите кои ќе учествуваат во мониторинг на изборниот процес.
М. Ивановска