Уставни измени
Пленарната седница во Собранието за уставните измени согласно Преспанскиот договор е одложена за 16 часот.
Пред почетокот на седницата за усвојување на уставните измени, собранискиот спикер ги информира пратениците за оставката на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев. Потоа Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања свика итен состанок на кој одлучи да побара од ДИК да го извести Собранието кој ќе седне во пратеничкото столче на местото на Тунтев. Според листата, се очекува пратеничкиот мандат да му припадне на Рубин Земон. Се очекува целата постапка да заврши пред почетокот на точката за уставните измени.
Протести и блокади
Со започнувањето последната фаза од уставните измени, пред Собранието на Република Македонија повторно започнаа протестите на здруженијата „Тврдокорни“ и „Македонија блокира“. На протестите се приклучи и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, на чело со својот лидер Христијан Мицкоски.
Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи уставните измени и нема да присуствува на собраниските седници. Тој повторно обвини за притисоци и закани врз пратениците за да гласаат за измените.
Демонстрантите го блокираа центарот на Скопје и најавија дека блокадите ќе траат до полноќ.
Обезбедено двотретинско мнозинство?
Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ, на денешната прес-конференција изјави дека е обезбедена поддршката на минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени. „Имам информации го дека нешто над 80 пратеници се уверија дека иднината на Македонија е во ЕУ и НАТО, а тоа е условено со Договорот од Преспа и со уставните промени“, изјави Кирацовски.
На прашањето за денешниот протест на „Македонија блокира“ и „Тврдокорни“, Кирацовски изјави дека тоа е демократско право на секој граѓанин, но дека е повеќе од уверен дека сето тоа е во спрега со антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и некои можеби внатрешни и надворешни сили кои очајно сакаат да ја спречат интеграцијата на РМ во НАТО и ЕУ.
#Перспективи2019
ЦИВИЛ Медиа започна со серија интервјуа и текстови со кои ја рекапитулира политичката и општествената реалност на годината што изминува и се обидува, преку разговори со избрани експерти и јавни личности да ги открие перспективите на претстојната година. Тоа што го кажуваат и пишуваат експертите на ЦИВИЛ и оние што ЦИВИЛ МЕДИА ги поканува да говорат, најчесто и се остварувало во текот на минатите години. Пред јавноста сега е новиот серијал „Перспективи 2019“ во кој за сега може да ги погледнете ставовите на Розета Трајан, Мирјана Малеска, Мерсиха Смаиловиќ, Мирјана Најчевска, Хусеин Адеми и Марта Гусар.
М. Ивановска
Фотографија: Јана Мицковска Попоска