Државната изборна комисија соопшти дека електронските медиуми (интернет порталите) кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за Претседателските избори 2019 година, дека се должни да се регистрираат во ДИК во рок од три дена од денот на распишување на изборите, односно најдоцна до 11 февруари (понеделник) до 24:00 часот.
Електронските медиуми (интернет порталите) треба до ДИК да достават барање за упис во регистар на електронски медиуми (интернет портали) и тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Македонија не постара од 6 месеци, задолжително во прилог на барањето.
Врз основа на поднесените барања за упис, ДИК ќе изготви регистар на електронски медиуми (интернет портали) кои ќе даваат услуги на платено политичко рекламирање за Претседателските избори 2019 година. Регистарот ќе биде јавно објавен на интернет страницата на ДИК.
Електронските медиуми (интернет порталите) кои нема да се регистрираат во ДИК, односно нема да бидат во регистарот, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање за Претседателските избори 2019 година.
Тим за односи со јавноста на ДИК