Покрај превирањата околу судбината на СЈО и предметите кои ги води ова обвинителство, денеска продолжи судењето „Монструм“.
Судијата за организиран криминал од Кривичниот суд, Огнен Ставрев изјави дека не го интересираат проблемите во СЈО и оти судењето ќе продолжи.
„Веднаш да ви кажам, за мене овластени обвинители за овој предмет се сѐ уште Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. Мене никој не ме известил поинаку. Нека одлучи Јавниот обвинител за отстапувањето на предметите од Катица Јанева, меѓу кои е и овој, па ќе видиме што понатаму. Сега судењето ќе продолжи“, рече Ставрев.
До судијата се обрати и таткото на Александар Наќевски, Горан Наќевски кој во име на семејствата на убиените побара случајот и понатаму да го водат Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.
„Судија, сакаме да знаеме што ќе се случи. Ако ги тргнат овие двајца обвинители, ние ќе треба да чекаме трети обвинители откако е почнат овој судски процес. Ние баравме СЈО да го презеде ’Монструм‘. Ние не сакаме обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски да ги тргнат од овој случај. Сакаме докрај тие да го застапуваат обвинението“, побара Наќевски, на што судијата Ставрев одговори дека јавниот обвинител наскоро ќе одлучи.
Следното рочиште е закажано за 18 септември 2019 година.
М. И.












