Асоцијација на архитекти на Македонија изрази задоволство што и властите и јавноста се задоволни од архитектурата на новото Основно училиште „Киро Глигоров“ и посочија на тоа дека првиот услов за да бидеме задоволни од архитектурата во градот е да се организира архитектонски конкурс.
„Да потсетиме дека училиштето е првонаградено решение на конкурсот кој го организираше Општина Центар. Ова е доказ дека само со организирање на јавен архитектонски конкурс може да се добие квалитетна архитектура. Сè друго е коцка. Можеби ќе биде добро можеби не. Оттука голема благодарност до г-дин Андреј Жерновски кој како политичка фигура придонесе за подобрување не само на архитектурата на градот туку и на образованието. Но, тука завршува било каква реална улога на политичките чинители во архитектурата (зборувам за онаа добрата). Архитектурата има автор. И објектот е добар заради авторот и заради ништо друго. Сè друго врзано со објектот е техника, која во никој случај не сакаме да ја омаловажиме, но никако не може и не треба да биде пред идејата. Да дадеме споредба. Денеска имавте премиера на успешен филм без да го спомнете режисерот, единствено е спомнат продуцентот. И категорично кажуваме, училиштето е дело на архитект Бесиан Мехмети со архитект Стефан Атанасоски, архитект Никола Кунгуловски и архитект Арменд Хебипи, не на Општина Центар или било која друга институција. Се надеваме дека во иднина и медиумите и нарачателите на проектите ќе покажат поголема култура и почит кон нас архитектите.“, стои во реакцијата на Асоцијација на архитекти на Македонија.
ЦИВИЛ Медиа е еден од ретките медиуми на македонски јазик што вчера пишуваше за ова.
А. П.












