Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, денеска ги посети канцелариите на пратениците од Струмица за контакт со граѓаните. Тој се сретна со пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска и пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Ванковер Манчев.
Амбасадорот Која истакна дека е многу важно што пратениците остваруваат повеќе контакти со граѓаните.
– Отворени се 45 такви канцеларии и многу е важно што се надвор од Скопје и пратениците не остануваат само во главниот град. Денеска имам многу добри импресии од посетата на двете канцеларии во Струмица и се надевам дека и персоналот и асиститентите ќе придонесат овие канцеларии да бидат отворени за граѓаните и за нивните идеи и проблеми, рече амбасадорот Која.
Пратеничката Катерина Кузмановска истакна дека е добро што повторно почнуваат со работа канцелариите за контакт со граѓаните, бидејќи во 2013 година престанаа со работа.
– Добро е што се отвораат канцелариите во соработка со Собранието на Република Северна Македонија и локалните самоуправи, како и со голема морална поддршка на Мисијата на ОБСЕ, со која беа одржани тренинг едукации на пратеницие за начинот на комуникација со граѓаните, на асистентите кои работат, а добивме и поддршка во опрема, рече пратеничката од СДСМ, Катерина Кузмановска.
Пратеникот Ванковер Манчев подвлече дека и покрај тоа што канцеларијата функционира само две недели, контактите со граѓаните не изостануваат.
– Верувам дека ова средба ќе даде плод и ќе се подобрат работите и се надевам дека ќе имаме нова посета од Мисијата на ОБСЕ. Ги поканив кога имаме ден за средби со граѓаните да дојдат и да се уверат како функционира канцеларијата, но и непосредно да ги слушнат проблемите на граѓаните, рече пратеникот од ВМРО ДПМНЕ од Струмица, Ванковер Манчев.
Амбасадорот Која по средбите со пратениците се сретна и со градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски./МИА












