„Не е лесно да се седи дома, но, после бурата доаѓа сонце“, изјави министерот за здравство Венко Филипче на видео сесијата „Прашања и одговори – ретроспектива на коронавирусот“, најавувајќи дека за неколку недели ќе почне постепено да се враќа нормалното секојдневие на граѓаните.
Но, како што предупреди Филипче, социјалната дистанца ќе биде и понатаму присутна и во јавниот превоз во автобусите и во угостителските објекти. Осврнувајќи се на почетоците на кризата со ковид-19 во земјава, министерот за здравство истакна дека мерките донеле резултати на краток и среден рок, а резултатите ќе бидат видливи и во месец мај, кога ќе се намалат рестриктивните мерки.
„Оваа стратегија ја црпевме од знаењето на Комисијата за заразни болести и стручноста на епидемиолозите. Ни требаше добра огранизација да се консолитиаат институциите, добро е што почнавме рано. Почнавме со аеродромот, потоа продолживме со граничните премини. Преземавме мерки кои не беа преземени во регионот ниту во поголеми и поразвиени земји. После првиот идентификуван случај на крај на февруари, ги менаџиравме јавните институции каде ќе бидат лекувани пациентите“, изјави Филипче.
Во однос на реогранизацијата на здравствениот систем, Филипче потсети дека се надгради капацитетот на Инфективната клиника со нови кревети, се постави мобилната болница со помош на армијата, а се воведе и систем на ротација на здравствените работници.
„Сите овие превентивни мерки кои ги преземавме од почеток, ги носевме како надградба на рестрикцијата на движење, јавениот превоз, препораки за организација на производствени капацитети за да се обезбеди физичка дистанца која дава резултати. Дополнителните мерки на целосно забранети викенди за движење, полициски час, забрана на движење на старите над 65 години и младите до 18 како група која ја прави трансмисија на вирусот и сега даваат резултат“, рече Филипче.
П. К.












