Таблет уреди опремени со СИМ картици за непречен интернет пристап и следење на онлајн наставата во основните и средните училишта, донира тетовската фирма „Еколог“ на Градот Скопје. Тие ќе бидат распоредени во скопските општини, исклучиво за учениците кои не можат од финаниски причини да купат електронски уред за следење на настава. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека тетовската фирма во следниот период ќе донира за другите единици на локална самоуправа.
„Се надевам дека на овој начин образовниот процес ќе биде подостапен за сите, во услови кога треба да се остане дома. Алепилирам до скопјани и до сите граѓани во државата, ако немате потреба – не излегувајте. Ако излегувате, почитувајте ги препораките за заштита и социјална дистанца, да издржиме уште малку за доброто на сите нас“, рече Шилегов.
Скопскиот градоначаник вели дека во соработка со Министерството за труд и социјална политика, ќе ги добиваат списоците на социјално загрозените семејства и според таа дата база, таблетите ќе стигнат во вистинските раце.
П. К.












