Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, на денешната заедничка прес-конференција со министрите за образование, за земјоделство и со заменик-министерот за труд и социјала, изјави дека воспоставиле протоколи за заштита на работниците, за волонтерски услуги за повозрасните лица, систем за пријавување насилство, помош за непречено движење на лицата со попреченост, вовеле далечинско учење за продолжување на наставата итн. Мерките, како што рече таа, се донесени под мотото „Се грижиме за сите“, а се воделе од принципот на недискриминација и почитување на човековите права. Царовска соопшти дека на работа се вратени 140 работници кои биле непрописно отпуштени за време на кризата која изби поради епидемијата на корона вирусот.
– Ова е тежок период и намалувањето на штетите ниту ќе биде лесно, ниту ќе биде брзо. 140 работници се вратиле на работа а биле неправедно отпуштени од работа минатиот период Затоа апелираме до компаниите да ги користат мерките, додека кол-центарот на Владата е постојано достапен, рече Царовска.
Ѓонул Бајрактар, министерот за труд и социјална политика, рече дека се олеснети критериумите за побрза достапност на минималната гарантирана помош од државата за социјално-ранливите групи.
Бајрактар појасни дека се олеснуваат критериумите за доделување на социјална помош со тоа што се олеснети критериумите кога станува збор за сопственоста на моторно возило и земјиште, додека енергетскиот додаток ќе може да се добива до септември 2020.












