Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, на Кокино, денеска ги посети припадниците на Армијата кои беа ангажирани во справувањето со пожарот и упати благодарност до нив и до сите припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, како и до доброволците луѓето кои помагаа во Општина Куманово.
Шеќеринска порача дека само заедно можеме да се справиме со ова, како што рече, сериозно загрозување и на животот и на здравјето на нашите граѓани и на убавата природа.
“Армијата и овој пат покажа дека не си ја бира задачата, буквално е таму каде што е најтешко , таму каде што ризикот е голем се вклучува и помага”, изјави министерката Шекеринска.
Таа најави дека со Одлуката на Претседателот на државата и врховен командант, повеќе од 1000 припадници на Армијата се подготвени да се вклучат таму каде што е потребно. Истовремено и потсети дека припадниците на Армијата веќе се присутни на 13 локации за да помогнат во напорите за справување со пожарите од воздух, но и дека помогнаат и на терен каде се води главната битка.
“Навистина ми е драго што некои мои колеги во раните утрински часови многу броз реагираа позитивно и после првични најави за помош од Србија и Бугарија, одговор добивме и од страна на Словенија, а се очекува и од страна на други земји од нашето соседсто, што покажува дека како соседи можеме да си помогнеме”, рече Шеќеринска.
Според неа, ова ја покажува големата солидарност и од страна на нашите соседи и од страна на нашите сојузници. Ова е зло и оваа огнена стихија, истакна Шеќеринска, за жал го обедини целиот Балкан, па и поширокиот регион. Во нејзината изјава се осврна и на пожарите во Турција, Грција и Албанија.
Како што истакна Шеќеринска, Владата неколку дена ќе забрани движење во овие предели, а нагласи и дека треба да се подобрат системите за заштита и спасување.











