Вкупната вредност на извозот на стоки од Северна Македонија, во периодот јануари – јуни 2021 година, изнесува 210 122 464 илјади денари и бележи пораст од 39.1 % во однос на истиот период од претходната година, соопшти денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
ДЗС ги обзнани и бројките за увозот, кој во првите шест месеци на годинава изнесува 286 095 298 илјади денари, што е за 38.7 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит во првите шест месеци на годинава изнесува 75 972 834 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во овој период изнесува 73.4 %, се вели во соопштението од Државниот завод за статистика.
„Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите за седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба, платината и легурите на платина, необработени или во прав и нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови)“, се објаснува во соопштението.
Според државната статистика, во периодот јануари – јуни 2021, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Кина.












