Германскиот канцелар повика на стратешка оска меѓу Лондон, Париз и Берлин за справување со нелегалната миграција и продлабочување на одбранбената соработка, и покрај тоа што изјави дека „длабоко го осудува“ Брегзит, објави Гардијан.
Фридрих Мерц се појави заедно со Кир Стармер на прес-конференција во Стивениџ по потпишувањето на договорот од Кенсингтон, првиот формален пакт меѓу Велика Британија и Германија од Втората светска војна. Договорот, потпишан во Музејот Викторија и Алберт, по што следеше состанок на Даунинг стрит, ги утврдува плановите за поблиска соработка во миграцијата, одбраната, трговијата и образованието, вклучително и рамка за училишни размени.
Мерц рече дека договорот е задоцнет.
„Ве имавме во Европската Унија и мислевме дека тоа е доволно… но сега учиме дека тоа не е доволно, па затоа мора да направиме повеќе“, рече тој.
Предложеното трилатерално усогласување беше водено од Берлин, но Стармер сигнализираше јасна поддршка за поблиска соработка со Германија и Франција, опишувајќи го односот на Велика Британија со владата на Мерц како „изјава за нашата амбиција да соработуваме уште поблиску“, пишува Гардијан.
Мерц го повтори своето жалење за Брегзит – „Јас лично длабоко го осудувам ова“, рече тој – но неговиот повик за тристрана соработка ги оживува елементите на визијата за „јадро на Европа“ првично предложена од неговиот ментор, Волфганг Шојбле, во 1990-тите. Тој предвидуваше цврсто интегрирана група европски сили што го водат континентот, иако во тоа време Велика Британија не беше вклучена.
Во светот по Брегзит, Мерц и Стармер ја позиционираат Велика Британија како премногу важна за да се исклучи, дури и без повторно приклучување кон ЕУ.
Додека Европа се соочува со обновени закани од Русија и неизвесност околу идната улога на Вашингтон во НАТО, двајцата лидери ја нагласија потребата од посилна континентална координација.
Мерц рече дека договорот за враќање потпишан од Велика Британија и Франција минатата недела треба да се прошири во тристран пакт со Германија за да се спроведе покоординиран одговор на нерегуларната миграција. „Соработката меѓу Обединетото Кралство и Франција… мора да биде надополнета со договор што се стремиме да го постигнеме меѓу нас тројцата: Велика Британија, Германија, Франција“, рече тој преку преведувач.
„Сакаме драстично да ја намалиме нелегалната миграција во Европа. На добар пат сме, но сè уште не сме ја достигнале целта.“
Стармер потврди дека Германија ќе го измени домашниот закон за да им овозможи на властите да запленат мотори на бродови и компоненти за шверц наменети за преминување преку Ла Манш, со што ќе се затвори долгогодишниот јаз во спроведувањето.
Д. Т.












