Пратениците денеска се согласија да се разгледува Предлог законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, по завршување на лидерската средба.
На денешната лидерската средба, трета по ред, присуствуваат лидерите на политичките партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА. На средбата како придружници на лидерите се и Радмила Шекеринска на Зоран Заев, Тања Каракамишева на Христијан Мицкоски, Бујар Османи на Али Ахмети и како придружник на Билал Касами е присутен Аријанит Хоџа. средбата е зад затворени врата, а по завршување се очекуваат изјави од лидерите.
Поради одолговлекувањето на преговорите на лидерската средба, како што дознава ЦИВИЛ Медиа од неофицијални извори, неизвесно е патувањето на премиерот Заев во Мостар по повод доделувањето на годишната награда на Центарот за мир и мултиетничка соработка на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет по допрен глас по објавите во медиумите за евентуални злоупотреби при доделување на грантови по јавен повик од Фондот за иновации и технолошки развој,
Во вчерашното соопштение Фондот за иновации потенцираше дека ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа и дека тие се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Скопје со државниот министер надлежен за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот ќе разговара за последните активности кон реализација на надворешно политичките приоритети на Република Македонија и за претстојните чекори за целосна имплементација на постигнатиот Договор за решавање на билатералниот спор со соседна Грција.
Утре со почеток во 11:45 часот nа северната тераса на Музејот на Современа Уметност на град Скопје, чест на официјалната посета на Рот, Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје и ЦИВИЛ – Центар за слобода организираат панел дискусија на тема „Младинските перспективи за интеграцијата на Македонија во ЕУ“.
ЦИВИЛ исто така, најави нова серија семинари, а првиот ќе се одржи во Велес, хотел Гарденија, од 11 до 17 часот во сабота, 28 јули. Право на учество имаат сите полнолетни граѓанки и граѓани од општините Велес, Св. Николе, Градско, Лозово, Росоман, Чашка, Кавадарци и Неготино. Како што стои во најавата, овој семинар ќе биде одлична можност учесниците да се вклучат во престојните политичко-општествени процеси, преку мониторинг на референдумот и претседателските избори во 2019 година.