На денешната лидерска средба присуствуваа премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, Али Ахмети од ДУИ, Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ и Билал Касами од БЕСА.
Ова е трета лидерска средба во последните пет дена. Првите две се одржаа минатата недела, едната во проширен состав со присуство на лидерите на партиите кои имаат повеќе од еден пратеник во Собранието, а втората во скратен состав по барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
На денешната средба, по втората пауза од 15 минути, во Клубот на пратениците продолжија разговорите на лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија.
Никој од учесниците не сакаше да зборува за детали од разговорите, дали има напредок и за што конкретно станало збор.
Единствено лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прашан дали има некаков напредок, неодредено одговори „доколку имаше, ќе ….“
И на денешната средба во Клубот на пратениците премиерот Заев е придружуван од вицепрмиерката Радмила Шеќеринска, Мицкоски е со професорката Тања Каракамишева, Али Ахмети се вицепремиерот Бујар Османи, додека Касами е придружуван од Аријанит Хоџа.