Министерството за труд и социјална политика, Националниот совет за безбедност и здравје при работа со поддршка на Канцеларијата на „Friedrich Ebert Stiftung“ – Скопје со доделувања на националната награда и призинанија за придонес на компаниите денеска го одбележаа Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека она што е особено важно е дека Владата е цврсто решена и понатаму да се залага за унапредување на здравјето на работниците и безбедноста на работните места, и работи на превенција од несреќи и заболувањата поврзани со работата и работните места.
„Во текот на оваа година продолжуваат активностите за ревидирање и унапредување на постоечката законска рамка во областа на безбедноста и здравјето при работа, односно ревидирањето на Законот за безбедност и здравје при работа. Се надеваме дека со овие измени и унапредувања на законите одредби, пред сè ќе ја подобриме практичната имплементација на законот, кој е донесен пред повеќе од 10 години и во овој период се детектирани повеќе слабости и можности за негово подобрување. Истовремено со вклученост на сите засегнати страни подготвуваме и целосно нов Закон за работни односи со кој се унапредуваат работничките права и ќе биде усогласен со сите меѓународни конвенции“, изјави Царовска.
Во целиот овој процес се вклучени советодавното тело кое дава значаен придонес во изминатиот период, како во креирањето на стратешките и оперативни документи од областа, така и во следењето на состојбите во делот на БЗР, поттикнување на иницијативи, но и сите останати здруженија, организации на работодавачи, организации на работници, експерти и стручни лица од областа.












