Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска изјави дека Владата е многу внимателна во однос на актуелните случувања во ИВЗ и дека по никоја цена не се мешаат во односите внатре во верските заедници.
„Тоа не сме го направиле за ниту една друга, тоа не сме го направиле сега и за ИВЗ. Она што се случува внатре е прашање што треба да го средат верниците. Тоа е прашање во кое единствената одлука не е одлука на извршната власт туку на судската власт. Владата јасно кажа дека не сака вакви работи да се случуваат во било која верска заедница, а сите наводи што се спомнуваат во јавноста дека се работи и за фалсификат документи целосно ќе бидат истражени“, додаде Шекеринска.
Шекеринска додаде дека секој во оваа држава може сам да си ја избере својата религија, дали ќе ја практикува или нема да ја практикува.
„По едно прашање нема избор – сите мора да ги почитуваме законите. На таков начин мислам дека и верниците ќе бидат посигурни, на таков начин и државата ќе функционира подобро. Меѓутоа можеби и истрагата ќе покаже дека некои од политички причини планирал тоа да се случи токму сега. Јас за тоа ниту можам, ниту сакам да шпекулирам, но повикот до сите граѓани на нашата земја е да не дозволиме државата да губи време на работи што можеме и треба да ги решиме во рамки на нашиот политички систем“, изјави Шекеринска.
А. П.












