Не знам дали почнуваат да кулминираат точките на вриење периодов, ама луѓево наши, вклучувајќи ја тука и мојата маленкост, стануваат многу нервозни заради тоа што по падот на режимот и промената на власта сите очекувавме работите со неверојатна брзина да тргнат нанапред и да се искоренат сите оние р’ѓосани ликови кои беа поставени на функции во институциите и одлучуваат за тоа дали јас, ти, тој, оној или било кој друг ќе добие работа, односно ќе се вработи, по заслуга, не заради партија.
Едниве ги тргнаа, поставија други – нови.
Новиве знаеме кои се, односно знаеме за кого се работи.
Ги знаеме какви луѓе се. Барем јас ги знам уште од времето кога беа никој и ништо, всушност тие и до ден денес за мене се никој ништо, ама ете партијата им дала работа, па, за себе, веројатно додека се гледаат во огледало дома во тоалет изградиле високо мислење. Знаеме и дека се полни се со завист (читај: суета). Ама полни до гуша. Дури и им излегува од уста, во каква форма уште не знам? Лично јас знам дека на протестите на шарената револуција доаѓаа и гласно, а сепак тивко, никој да не ги слушне, кажуваа дека тука се за функција, додека ние здравјето си го оставивме по улиците на главниов град.
Со големи букви ќе напишам за да не бидам погрешно разбран: ЧЕСТ НА ИСКЛУЧОЦИТЕ. Тие знаат кои се.
Вчера пред да појдам да го земам син од училиште бев да си го прошетам кучето, тука каде што постојано го шетам, кај мене у маало зад зграда. И, додека се шетаме наидов на гаражите покрај кои секој ден поминувам, последниве три години.
Едно нешто не сум забележал, а тоа го видов дури вчера. Додуша сигурно е поново. 100% е после овој Септември.
На последните две гаражи, односно на последната и на претпоследната симболиката за тоа кои сме и каде сме, врескаше со цела сила. На претпоследната која патем беше убаво уредена пишуваше: ЗА Европска Македонија, а на таа до неа, односно онаа последната, беше ‘рѓосана и на неа не пишуваше ништо. Беше само ‘рѓосана. Застанав и го фотнав тоа. Некако тоа ми беше идеалното лице за тоа во какво општество живееме денес. Предничењето, односно лицето ни е нашминкано, а душата ни ‘рѓава. Е така јас ги доживеав овие две гаражи.
Суштината на тоа каде сме и кои сме денес ја има во најразлични изразни форми насекаде околу нас. Јас живеам под таа „казна“ да морам да дешифрирам кодови кои животот ни ги сервира пред очи, а и можам да препознавам и знаци крај патот, што би рекол Андриќ, кој, патем беше споделуван неколку денови од еден наш сограѓанин кој денес живее во главниот град на Република Унгарија, кој веројатно седи во лобито на Кемпински, пие врел Курвозије, се чеша, кај што не го чеша и со моите (нашите) пари го плаќа скапиот коњак. Но, тој сега не е темата.
Го оставам кучето дома, се средувам и излегувам. Стигнувам кај син ми пред училиште. Го земам и тргнуваме накај дома. По пат ме прашува:
„Тато, вистина ли е дека порано, во ваше време сте немале ни мобилни телефони?“
Се насмеав и кратко му одговорив:
„Порано, синко, немавме мобилни телефони.
Некои од нас немаа ниту статични телефони, попознати и како домашни телефони. За да се дружиме се договаравме усно, на пример, се договаравме дека утре ќе се најдеме во 19ч. на Рекорд. Така се договаравме со оние кои не живееја во наша близина или како што скопски тоа се нарекува не беа од „наше маало“. И тоа беше тоа. Ретко кога некој договор пропаѓаше.
Автобусот со бројот ’23’ со кој се возевме ние од Аеродром до Центар чинеше 10 денари, често знаевме да одиме и пеш до центарот на градот. Јас тогаш, за жал пушев цигари. Оние кои ги пушев, Родео – меко чинеа 18 тврдите беа 20 денари. Кавадарката – црвено вино чинеше 50 денари и вегетаријанскиот сендвич за накај дома кој го купувавме од кај „Чичко Стоилко“ чинеше 30 денари, ако некој беше гладен, а често бевме сите гладни пред да си одиме накај дома или мислевме дека сме гладни. Едноставно моравме да јадеме. Ти знаеш што е Чичко Столико?“
„Не знам, тато“.
„Штета. Срамота.“ – ми реков.
„Зошто срамота“ ме праша.
„Не е срамота за тебе. За други е. Има едни кои му го убија духот на градов, ама сега тие не се тема. А јас за овој ден ќе напишам и текст во кој по втор ги спомнувам и втор пат ќе кажам дека не се тема, а се спомнати во некаков контекст. Значи секогаш се тема. ОК, заеби. Како и да е, со 100 до максимум 120 денари теравме цела една вечер. Ние од наше друштво. Искачавме на коцка, МКЦ, на Црква, кај Биби, на Форум, у ГТЦ на скалите, на кров у ГТЦ, Бутлек, Мјузик Гарден, Спид у Буњаковец, Лејди Блу, паркот кај Дом на АРМ, Сепарињата, Кашет у Аеродром … Скопје беше град создаден да живеат младите во него. И живееја. Супер Живееја.
Секоја сабота сабајле, пак без да се чуеме на телефон се знаеше правилото у наше маало: у 11ч. у школски у „О.У. Браќа Миладиновци“ се собиравме сите и играме фудбал од 12 – 14ч. Два пати по 45 минути со се полувремиња, а и остававме можност за пенали. Никој не смееше да не дојде, единствено не доаѓаа оние кои имаа не дај Боже ситуација. Игравме фудбал до даска. Буквално секоја сабота игравме фудбал у школски. Со години. Фудбалот ни беше животот. После тоа дома, ручек и одма почнуваа германско, англиско и италијанско првенство.
Вечерта анализа на утакмиците и пак во Центар „У град“ на местата кои веќе ти ги кажав. А оние кои не искачаа со нас од наше маало, остануваа у маало у Три Бисери на местото попознато и како „ВИ – ДИ“. Тоа беше име на фризерницата пред која седевме и си ги оставивме бубрезите, здравјето, душата. Тука се собиравме: Гузо, Дуле, Панче, Трајко, Касе, Ацо, Госко, Денис, Марко, Раде малиот, кој сега веќе е покоен, за жал, Ведре, Емче, Искра … доаѓа и други … Имавме принципи. Безусловно си верувавме едни на други. Се’ на што беше поделен овој град во тоа време беше на кремови и андерграунд. Скопје беше нормален град.“
„Како бе тато сте можеле така да живеете?“ – ме праша.
„Не бевме за’рѓани синко. Градов денес е ‘рѓосан. Сe’ за што ќе се залагам додека сум жив е, и ти и брат никогаш, ама никогаш да не влезете во ‘рѓавоста на животот во ова денешно Скопје, се’ додека не му го вратиме вистинското лице на нашиот град. Како ќе му го вратиме не знам, ама знам дека ќе му го вратиме, кога – тогаш. Заедно ќе се бориме да му ги исчистиме сите флеки кои никако не смееја да станат наслаги по кои ќе се препознава градов во овие времиња и кои му тежат на душата. Ќе се бориме заедно, така?“
„Ќе се бориме, тато“ – ми рече. И направивме да пукне.
„Да го спасиме Скопје“ му реков.
„Да го спасиме“ рече.