Собрание
Денеска продолжи 98-та седница на Собранието на Република Северна Македонија на која пратениците дискутираат по предлог законите за данокот на додадена вредност и за вработување и осигурување во случај на невработеност, двата во прво читање.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, вчера по завршувањето на општата расправа по предлог законот за вработување и осигурување во случај на невработеност во прво читање, ја прекина работата на седницата и гласањето го одложи за денеска, бидејќи, како што рече, нема кворум поради работењето на повеќе собраниски комисии.
НАТО мисија
Воздухоплови на вооружените сили на Република Грција утринава спроведоа пробен прелет во воздушниот простор на Република Северна Македонија. Прелетот беше извршен за потребите на НАТО мисијата „Air Policing“.
Целта на прелетот е проверка на комуникациите и радарската покриеност на нашиот воздухопловен простор.
Антикорупција
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска со повик да не се доставуваат лажни пријави со цел дискредитирање на политички противници, бидејќи лесното прифаќање на лажните пријави ја ставаат комисијата во служба на партиски препукувања со клевети.
Реформи
Лидерот на Демократската Унија за Интеграција, Али Ахмети, повторно предложи пратениците и функционерите вршители на јавни должности да поминат низ процес на ветинг, за да се провери како го стекнале имотот. Според Ахмети преку овој систем на проверка ќе се спречат напади врз пратениците и функционерите и ширење на лажни вести.
Кривични постапки
Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ПС од ОН Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против бизнисменот Љупчо Палевски и уште три други лица е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено прислушување и тонско снимање“. Кривичната пријава следи откако на 4-ти април за време на изборната кампања, тие во Прилеп организираа мал собир на кој на разглас пуштија неколку нелегално прислушувани разговори. Во разговорите се појавија гласови на актуелни и пранешни функционери.
Културно наследство
Во својот последниот извештај УНЕСКО препорачува природното богатство на Охрид да биде ставено на листата на загрозено светско наследство. Ваквата реакција доаѓа по низата платформи на кафетериите што се навлезени во езерото, најавите за градење на Галичица, хотелот во Лагадин, кој се гради на самиот брег, но и градбите во целиот регион, кој е заштитено богатство. Од УНЕСКО испорачаа низа барања од државата, а меѓу првите е да се прогласи мораториум на секакви урбани трансофрмации на брегот на Охридското Езеро, но и на каква било урбанистичка трансформација.
ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска во Велес, на Срмаале, со почеток во 15:30 часот пред граѓанките и граѓаните ќе ги претстави новите проектни активности, дел од проектот „Зелена иднина“ чија цел е да ја подобри јавната перцепција и знаењето за концептот на општество кое ги негува зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.
Тимот на ЦИВИЛ претходно ги посети Лозово и Свети Николе каде со жителите ќе поразговара за можноста од поврзување на овие три елементи, што се предуслов за општество кое се стреми кон демократски вредности и напредок базиран на грижата за околината и иднината.
Во сите три општини граѓанките и граѓаните имаа можност активно да се вклучат преку испраќање на пораки до локалната и централната власт, да разменат мислења, ставови и информации за темите од областа на социјалната правда, зелените иницијативи и антинационализмот.