Најчест израз кој го користат функционерите во државава е: НАЈОДГОВОРНО ТВРДАМ.
Најголем проблем кој во моментов го имаме во државава е: ОТСУСТВО НА БИЛО ЧИЈА И БИЛО КАКВА ОДГОВОРНОСТ.
Никој не е одговорен за загадувањето на воздухот, никој не е одговорен за лошото образование, никој не е одговорен за лошото здравство, никој не е одговорен за лошите законски решенија, никој не е одговорен за сиромаштијата, никој не е одговорен за размножувањето на администрацијата со проста делба, никој не е одговорен за…
Кога станува збор за проблеми кои се појавуваат во институциите, вообичаено функционерите одговараат: НЕ ЧУВСТВУВАМ ОДГОВОРНОСТ, НЕ ЧУВСТВУВАМ ВИНА, НЕМАМ ВЛИЈАНИЕ, НЕ Е ВО МОЈА НАДЛЕЖНОСТ.
А одговорност мора да има. Многу конкретна, опиплива, видлива и неспорна. Не онаа која ја вреска од говорница опозиционата партија, ниту онаа која ја викаат граѓаните. Туку онаа, која произлегува од законите.
Само како пример, еве, вработувањата во ЕЛЕМ? И овие денешниве и оние пред две, три, пет години… Вработени синови, ќерки, баџанаци, сватови, сестри, браќа на функционери во власта. Сите бараат одговорност од функционерите чии роднини се вработиле, а премиерот апелира да се повлечат од работните места.
Меѓутоа, проблемот е многу подлабок од простата одговорност на некој си татко, брат, дедо, мајка функционер. Станува збор за системски проблем во кој одговорноста треба да ја сносат многу поголем број луѓе без чие учество и немало да може да дојде до ваква ситуација.
Одговорност треба да се бара од:
– Директорот на ЕЛЕМ кој се појавува како непосреден работодавач
– Управниот одбор на ЕЛЕМ во чија надлежност меѓу другото е и систематизацијата на работните места и без кој немало да може да биде направено вакво вработување
– Надзорниот одбор на ЕЛЕМ кој не реагирал на промена на систематизацијата и на очигледното партиско влијание во вработувањето
– Министерството за финансии кое дало дозвола за вработувањето
– Владата на Република Северна Македонија која на раководните позиции на претпријатие во државна сопственост поставила луѓе кои се очигледно склони кон кршење на законите.
Значи, ајде да не си играме мајтап со граѓаните, туку да почнеме навистина да го менуваме системот во кој не само што не владее правото, туку институциите на државата се основни прекршители на правото и заштитници и промотори на криминални дејствија.
Не заради влезот во ЕУ, туку заради тоа што граѓаните на Република Северна Македонија заслужуваат подобро. А и за да научи оваа генерација политичари што значи тоа: НАЈОДГОВОРНО ТВРДАМ!
Се сеќавате, нели?
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.