ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Петок, пазарен ден во Скопје. А на крајот на пазарниот ден, при стемнување, пред да соберат тезгите, се прави „акшам-пазар“.
На „акшам – пазар“ се продава на топтан, со попуст, пошто-зашто, тоа што останало на тезгите, одозгора по нешто здраво, одоздола бајато и скапано. Среќен продавачот оти ќе го „ували“ тоа што не го продал цел ден, среќен и купувачот оти ќе купи поевтино. Сите среќни и весели.
Овој петок во Скопје, при крај на пазарниот ден, и Мицкоски објави дека има ново мнозинство, заедно со фотографии од заедничка средба со Апасиев од Левица, Арбен Таравари и Халил Снопче од Алијанса за Албанците, Африм Гаши од Алтернатива и Арианит Хоџа од БЕСА. Се пофали и Апасиев, дека има мнозинство од 61, со тенденција да растело до 64.
Од друга страна, Гаши вели дека нема ново мнозинство, туку, договор за интерпелација, односно гласање недоверба на владата во Собрание. А потоа ќе се преговарало за ново мнозинство.
И сега, за што преговараа и се пазареа Мицкоски и Апасиев со Таравари, Гаши, Хоџа и Снопче, во петок навечер?
Дали се пазареа за „Тиранската платформа“ или за „косоваризација“?
Се договорија ли за „Северна“? Дали Мицкоски и Апасиев ќе ја признаат Северна (која ја признаваат и онака на секој први во месецот со буџетската плата), или Алијанса, Алтернатива и Беса ќе се откажат од „Северна“ и Преспанскиот договор?
Дали Апасиев го прифаќа НАТО за атер на коалицијата, или албанските партии ќе станат проруски за атер на Апасиев и коалицијата?
Дали Апасиев им кажал на новите партнери дека не треба да постојат универзитетите на други јазици освен македонскиот, и дека дури и средно образование на „малцинствата“ им е многу? Што ќе прават со „албанизацијата“ и „двојазичноста“?
Не верувам дека за било што од ова станало муабет на прагматичното пазарење на опозицијата за рушење на власта. А и зошто пазарџијата би ги убедувал муштериите дека му е скапана робата?
И така, овој пазарен ден во Скопје заврши со една мала ноќна, „акшам пазар коалиција“. Здраво одозгора-скапано одоздола, ама битно – евтино е. И пазарџиите и муштериите – весели и среќни.