Германската амбасада во земјава се огласи по изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека судењето за настаните од 27 април ќе биде практично Нирнбершки процес и ваквата споредба ја оцени како несоодветна.
„Споредбата на постапките на правосудните служби на Северна Македонија со Нирнбершките процеси е несоодветна. Со тоа се минимизираат делата на наци-злосторниците. Одговорните лица во Северна Македонија треба да придонесат за надминување на поделбата на општеството и да водат конструктивен дијалог за иднината на земјата во правец на евроатлантските интеграции. Освен тоа, самите изјави за Нирнбершките процеси се целосно неприфатливи“, се вели во соопштението од германската амбасада.
Претходно и Амбасадата на САД на својата Фејсбук страница ги повика политичките лидери во земјава да не користат потпалувачка реторика со неправилна употреба за настани од минатото со која се шири став и поделба. Реакцијата е за вчерашната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој судењето за крвавите настани од „27 април“ во пресрет на денешната пресуда, гo спореди со Нирнбершкиот процес, серија судења од 1945 до 1949 година на политичкото, военото, судското и економското раководство на нацистичка Германија.
„Потпалувачката реторика од страна на политичките лидери предизвикува страв и поделба, особено кога неправилно се користи за настани од минатото, како што се Нирнбершките судења, за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог за насоката во која се движи земјата. Многу е важно лидерите да се вклучат во граѓански дијалог кој може да ја унапреди стабилноста и просперитетот на Северна Македонија“, се вели во реакцијата од Американската амбасада.
Реакциите следат по изјавaта на Мицкоски каде што истакнал дека има информации дека Митко Чавков е осуден на подолго од 14 години.
„Очекувам вкупната пресуда што ќе се изрече дека ќе биде преку 100 години за сите луѓе и ќе биде практично Нирнбершки процес, осветољубие и ништо друго“, рече Мицкоски.