УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Човек тешко може да се снајде во грамадната дебата што се води околу причините и перспективата на кризата на украинско-руската граница. Тезите се како „подвижна мета“: зависат од тоа дали се води на теренот на моралните аргументи, за принципиелните прашања за украинското право за одбрана (и самоопределување) на државниот суверенитет, за континенталните гео-стратегиски интереси во кои спаѓаат безбедносните и енергетските интереси, за историските нарации или за персоналните симпатии и антипатии кон главните и „помошните“ актери во оваа драма, во чиј центар се наоѓа личноста на самиот руски лидер Владимир Путин (и неговиот домашен политички опстанок), наспроти колоритната колекција од неговите западни противници (и нивните демократски, внатрешнополитички нестабилности) која се движи во распон од Бајден и Џонсон, до Макрон и останатите членови на евро-атлантското сојузништво…, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Врти-сучи, евро-рускиот газ/с е отпозади!“
СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО: Денешниот Утрински брифинг од 7.30 до 11 часот е во тек!
„Утрински брифинг“ е местото каде секој работен ден од 7.30 до 11 часот, низ динамична програма со актуелни информации, анализи и разговори со гости, се поставува општествено-политичката агенда на денот.
Брза пошта, ВАША рубрика во Слободна зона: Останете гласни!
Неодамна, Цивилмедиа.мк воведе нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
НАСТАНИ
ТРКАЛЕЗНА МАСА: Амбасадорска тркалезна маса насловена „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс,“ ќе се одржи денеска во Клубот на пратеници во Скопје, во организација на Советот на амбасадори.Како што најавуваат организаторите, на тркалезната маса ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи Антонио Милошоски. На форумот ќе говорат и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на ЕУ делегацијата во Скопје, амбасадорите на Италија, Словенија, Франција, Холандија, замениците шефови на мисии од амбасадите на Германија и САД, како и поранешните амбасадори Мухамед Халили, Александра Наќева-Ружин, Љупчо Арсовски, Тихомир Илиевски и Ѓорѓи Филипов.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА: Сојузот на синдикатите на Македонија со поддршка на Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС), канцеларија Скопје заедно со професорите Бранимир Јовановиќ, Виктор Стојкоски и Драган Тевдовски изработија студија/анализа „Минималната плата во Република Северна Македонија и нејзините ефекти врз работењето на фирмите“ која ќе биде презентирана денеска во ССМ. Анализата ќе ја презентираат професорите Виктор Стојкоски и Бранимир Јовановиќ. Според најавата од ССМ, на презентацијата е предвидено да се обратат претседателот на ССМ Дарко Димовски и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, претставник на Организацијата на работодавачите на Македонија, ФЕС и професорите Стојкоски и Јовановиќ.
КАМПАЊА: Сублимат од активностите реализирани во рамките на кампањата за интегритет која е дел од проектот за „Промовирање на транспарентноста и одговорноста на јавната администрација во Република Северна Македонија“ денеска ќе биде претставен на онлајн прес-конференција. На неа јавноста ќе биде информирана за ефектите од преземените активности во насока на зајакнување на интегритетот на институциите и на граѓаните. За важноста на интегритетот на институциите преку обезбедување поголема транспарентност и користење на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, зајакната борба против корупцијата и заштита на укажувачите ќе зборуваат Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Пламенка Бојчева, директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
САЕМ: Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска присуствува на отворање на специјализиран саемско-конференциски настан посветен на овоштарството, лозарството и градинарството „Агро Белград 2022“. На саемот има македонски штанд, финансиски поддржан од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнатсво.
КОМЕМОРАЦИЈА: По повод 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, кој го одбележува и ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау од страна на Црвената армија, Одделот за едукација и истражување на холокаустот при Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје (ИДКНА), денеска организира комеморативна академија. Како што информираат организаторите, тема на комеморативната академија е „Сагата за преживеаните од холокаустот – Тие ја предизвикаа смртта, го засадија животот“, која годинава е посветена на еврејките и девојките кои избегаа од канџите на смртта, од кои три ќе бидат и учесници на оваа комеморација. На настанот меѓу говорниците покрај директорот на ИДКНА Скендер Асани, се најавени претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и министерот за надворешни работи на Израел Јаир Лапид, како и претставници од амбасадите на САД и на Германија.
СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА: Со свечена Светосавска академија во просториите на Македонскиот народен театар, српската заедница во земјава вечер по 15-ти пат ќе го одбележи националниот празник на Србите 27 Јануари, Денот на српскиот просветител Свети Сава. На свечената академија ќе се обратат високи официјални претставници од земјава и од Србија, а со богата културно – уметничка програма ќе биде претставена културата и традицијата на српскиот народ.
ПОСЕТА: Министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, денеска ќе престојува во Скопје, каде ќе се сретне со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, а ќе присуствува и на Светосавската академија по повод 27 Јануари – Националниот празник на Србите во земјава. Како што соопштија од српското МНР, предвидено е обраќање на министерот Селаковиќ на свечената Светосавска академија во Македонскиот народен театар. На свеченоста ќе се обрати и висок претставник од земјава, а со богата културно – уметничка програма ќе биде претставена културата и традицијата на српскиот народ.
КУЛТУРА: По Лондон и Њујорк, македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески и легендарниот виолинист Максим Венгеров, во рамки на нивната мини-турнеја на најпрестижните светски сцени, вечер ќе настапат на сцената на Филхармонијата во Париз. Исклучителниот втор концерт тандемот Венгеров-Трпчески го одржаа во преполната сала во Карнеги Хол во Њујорк, каде присутните со стоечките овации, двајцата врвни уметници ги наградија со дури три изведби на бис.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев