Зоран Андонов, новинар, дописник за „Сакам да кажам“ од Тетово пред камерата на ЦИВИЛ Медиа зборува за слободата на изразување и медиумските слободи.
ЦИВИЛ Медиа: Што за Вас претставуваат медиумските слободи и слободата на изразување воопшто?
Андов: Тоа е веќе стандардно правило, значи, слободно да пишуваш, да пишуваш за оние теми коишто се интересни, за граѓаните пред се, теми кои ги одразуваат нивните проблеми. Теми кои можеби не се толку јавни но ние како новинари се обидуваме да ги откриеме, да ги актуализираме.
ЦИВИЛ Медиа: На кој начин Вие како новинар придонесувате или можете да придонесете во борбата за слободни медиуми?
Андов: Па секако, преку начинот на пишување, преку барање на теми и преку објективно информирање. Секогаш мора да ги прашаме сите страни во потрагата по вистината. Јас мислам дека на тој начин треба да работиме и само на тој начин можеме да ја постигнеме онаа цел која ја бараме.
ЦИВИЛ Медиа: Дали досега сте се соочиле со притисоци од политички и бизнис центри на моќ и како се справувате со истите?
Андов: Во последно време не. Можеби порано кога бев помлад новинар, на почетоците, кога политичката демократија во Македонија беше на пониско ниво, па политичарите мислеа дека се што ќе кажат дека мораме како новинари да го пренесеме. Но секако, тука има став на редакцијата, став на новинарот дали тоа што го кажале е актуелно или не. Во последно време, барем во Тетово не забележувам притисоци од политичките партии.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се Вашите препораки во контекст на борбата за слободни медиуми и слобода на изразување?
Андонов: Моја главна препорака е дека мора да се реши статусот на новинарите од градовите кои не се Скопје. Во последно време се забележува еден многу негативен тренд. Повеќето редакции ги откажаа своите дописници. Тетово се сведе на тројца дописници. Секако дека ние како новинари за да можеме да ја извршуваме својата работа пред се мораме да имаме една финансиска подлога, односно материјална заштита. Да бидеме вработени како и останатите новинари коишто се вработени во Скопје. Зад нас да стои редакцијата, бидејќи со договор на дело секој може да не тужи. Тоа е за мене главниот проблем.
Маја Ивановска
Камера: Атанас Петровски