Не ги сликав затоа што ни самиот не сум верувал кога сум видел слики, често пати читателите мислат дека тие се местени. Ќе се обидам да ги опишат и секако ќе оставам резерва, не затоа што не им верувам, но заради тоа што имаме трауми од нивните претходници. Едниот ми беше колега новинар и неретко сме полемизирале заради разлики во нашите мислења и перцепции, а другиот потекнува од иста фела во раните години, но никогаш порано лично не сум го запознал.
Горан Трпеновски и Нури Бајрами, двајца членови на новиот состав на Државната Комисија за Спречување на Корупцијата…
Овие се двете имиња кои во два случаи ми ја вратија надежта дека, сепак, кај нас има луѓе на кои може да се надеваме дека ќе донесат промени и правда. Едниот, Нури Бајрами, за кого многумина реагираа (со право на сомнеж) дека е баџанак на Талат Џафери, од сопствено искуство, како критичар на секоја власт, не остава простор да го пофалам ако имам и трошка сомнеж. Добив интересни информации за неговиот живот, чесното работење во поранешни работни места, и финансиските проблеми кои не би му наликувале на баџанак на висок функционер.
Последен пат го сретнав во автобус на линија Скопје-Тетово-Гостивар. Во секоја нормална држава ова би бил нормален потег, економски избор на една личност, но кај нас, за жал или за среќа, тоа претставува надеж и ексклузивна вест. Тоа е заради негативното минато на Комисијата и многуте други високи институции. Учени да ги гледаме другите функционери во црно затемнети и блиндирани коли, со шофери и телохранители, Бајрами навистина ме зачуди.
Не треба да го заборавиме и фактот дека во тој автобус беше седнат член на комисија која се бори против највисоките криминални појави и најопасните криминалци, оние кои можат лесно да организираат и да извршат дури и атентати, па не им е проблем да жртвуваат и цел автобус за да се спасат од еден независен антикорупционер. Во овој случај, дури и да се вози со службена кола би бил оправдан, но Бајрами избрал автобус. Зачуден го гледав и го поздравив со традиционалното прашање „Каде вака?“. „Завршив со работа, се враќам дома“ – беше скромниот одговор на Бајрами, кој гласно и без комплекси ми го возврати одговорот и поздравот.
Другиот, колегата Трпе, како што сме научени да го викаме, го сретнав на една раскрсница каде често пати сме се сретнале и порано, на раскрсницата пред Собранието, каде што ни се делеа патиштата, откако своевремено следевме собраниски седници и настани. Тој исиот Трпе, со иста гардероба и со еден сендвич во раката, што е симбол на исхрана на новинарите што цел ден се во трчање, а немаат можност за луксузирање во исхраната. За разлика од средбата со Бајрами, тука не можев да се воздржам, да го пофалам со провокативно прашање: „Уште ли со сендвичи, браво, таква Антикорупциска ни треба!“. Спомнавме и имиња на ресторани за кои на времето, додека беше новинар, често пати сме разговарале дека сме виделе и функционери и антикорупционери, па го потсетив дека ќе го следиме дали и тој ќе почне да ги посетува и ќе злоупотребува народни пари во тие ресторани, како оние што тој самиот ги критикувал. „Еееее нема ресторани!“ -одговори колегата Трпе кој ги помина семафорите, а јас влегов во службената кола од нашата телевизија и продолживме како порано, секој по својот пат.
И за миг помислив, јас сѐ уште новинар, но со службена кола од телевизијата, а Трпе во Антикорупциска, пешки и сѐ уште јаде сендвич. Значи, има надеж! Само, да не ги урочиме…
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.