Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми соопшти дека по своја сопствена волја се повлекува од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција, со цел да нема сомнеж за било какво влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.
Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, вели Муареми.
– Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се вели во соопштението.
Јавното обвинителство денеска соопшти дека е поднесен предлог за дисциплинска постапка против тројца обвинители, кои намерно сториле крупна професионална грешка. Трите обвинителки против кои е покрената дициплинската постапка се шефицата на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, како и нејзините колешки Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска. Русковска ја потврдила информацијата за отворањето на постапките.Според законот, јавниот обвинител Љубомир Јовески има право да донесе одлука за оддалечување на еден обвинител од вршењето на обвинителската функција, во неколку случаи, меѓу кои е и доколку намерно или неоправдано се направи крупна професионална грешка.М.Д.